Собраниско раководство



Четврток, 18 февруари 2010 година

Средба на Конгреската делегација со претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска ја прими Конгреската делегација, предводена од конгресменот г. Ерл Померој, амбасадорот на САД во Република Македонија, г. Филип Рикер и директорот на Агенцијата за меѓународен развој на САД, г. Мајкл Фриц.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се осврна на досегашната соработка на Собранието на Република Македонија и Конгресот на САД, истакнувајќи дека со нивна помош се реализирани повеќе проекти, како салата „Борис Трајковски“, која има мултифункционален карактер, реализација на проектот „Собраниска библиотека“ со цел создавање на нов библиотечен фонд, создавање на просторно-технички претпоставки за нова библиотечна просторија, итн.

Но, што е поважно, истакна претседателот Вељаноски, оваа соработка влијае на натамошното пријателство на Република Македонија и САД, како и принципите на парламентарната демократија кај нас.

Конгресменот г. Ерл Померој, истакнувајќи дека повеќепати бил во посета на Република Македонија, изрази признание за позитивниот развој на државата, а во тие рамки секако и Собранието на Република Македонија, како и  парламентаризмот во целост.

„Односите помеѓу Собранието на Република Македонија и Конгресот ние ги гледаме како квалитетно партнерство од кои двете страни можат да ги пренесат своите искуства. Посебно сум импресиониран од ефикасноста на донесувањето на законите, што значајна улога има и претседателот на Собранието на Република Македонија, а тоа зборува дека во Парламентот на Република Македонија политичкиот дијалог е на високо ниво“, истакна конгресменот г. Ерл Померој.

Во текот на разговорите двете страни ја истакнаа потребата оваа соработка и пријателство континуирано да продолжи во најразлични форми.

Click