Собраниско раководство

Четврток, 18 февруари 2010 година

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со г. Јорго Шацимаркакис и г. Алојз Петерле

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски, денеска ги прими копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европска унија, г. Јоргос Шацимаркакис и шефот на Делегацијата на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, г. Алојз Петерле.

Потсетувајќи на извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и препораката за добивање датум за почеток на преговори за членство во Европската унија, како и на Извештајот на известителот на Европскиот парламент за Република Македонија, европратеникот Зоран Талер, претседателот Вељаноски истакна дека приоритетна задача на Собранието е усвојувањето на НПАА програмата односно усвојување на Европското право, но и институционално и административно прилагодување со цел подготовка за членство во ЕУ. Натамошно јакнење на принципите на парламентаризмот, а во тие рамки и политичкиот дијалог е константа во нашето работење како законодавен дом.

„Република Македонија не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ од веќе познати причини, иако сите наши европски пријатели изјавуваат дека спорот со името е билатерално прашање кое не смее да влијае на евроатланските интегративни процеси. Сепак, Република Македонија и понатаму ќе продолжи со потребните реформи, а во исто време и со преговорите кои се водат под покровителство на ОН за изнаоѓање на компромисно решение. Грција е наш сосед и затоа ние сакаме да имаме високо развиени пријателски односи кои ќе се темелат врз взаемно почитување и доверба. Тоа е во интерес и на двете држави, но и во интерес на стабилноста, развојот и интеграцијата на регионот во ЕУ“, истакна претседателот Вељаноски.

Европратеникот Алојз Петерле истакна дека Република Македонија  во изминатиов период постигнала многу значајни резултати.

„Секако дека со тоа не е завршена работата и реформите мора да продолжат. Тоа што сите нас нè охрабрува, е фактот дека вие тоа го правите, а ние како европратеници исто така работиме на целосна интеграција на државите од регионот. Во врска со прашањето за името сакам да истакнам дека треба да се искористи сегашниот момент, бидејќи и двете страни покажуваат подготвеност за изнаоѓање на решение“, истакна г. Петерле.

Европратеникот Јоргос Шацимаркакис, како копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет, истакна дека и тој го дели мислењето на својот колега, дека сега е вистинскиот момент да се најде решение.

„Затоа, ако може така да се рече, притискаме и на Македонија и на Грција да го решат ова прашање кое е во интерес, не само на двете држави, туку и за целиот регион“, истакна г. Шацимаркакис.

           
Click