Собраниско раководство



Понеделник, 13 септември 2010 година, Охрид

Обраќање на претседателот Вељаноски на конференција за е-Демократија

Почитувани дами и господа,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани министри,
Екселенции,
Драги гости,

Живееме во столетие во кое прoцесите на глобализација незадржливо се одвиваат и ги опфаќаат сите сфери од нашето секојдневно живеење од политиката, економијата, културата, спортот, забавата и рекреацијата, па сè до онаа секојдневна обичнa, лична комуникација. Односно, станува збор за процеси во кои е вклучен и човекот како поединец и државните институции, економските субјекти и, секако, меѓународните организации. Основна алатка во овие процеси на глобализација се новите технологии на комуникација, а пред сè интернетот. Зарем не е зачудувачки кога седите дома и комуницирате преку интернет со своите пријатели или роднини кои живеат на другата страна од светот. Зарем не е придобивка кога доаѓате во канцеларија и на мониторот имате информации за сите можни случувања и настани или, пак, гледате дека цената на вашиот производ расте или паѓа на светскиот пазар и имате можност во истиот момент да реагирате соодветно...

И денешнава конференција, ако судиме по составот на учесниците, ги рефлектира тие процеси на глобализација, бидејќи колку што видов во листата на учеснiци нè има од сите меридијани.

Почитувани,
Република Македонија пред четири години не можеше да се пофали со поголемо користење на интернетот како алатка во секојдневието на нашите граѓaни, или во институциите. Со проектот на Владата „Kомпјутер за секое дете“, мислам дека започна вистинскиот позитивен тренд кој и денеска трае во освојувањето на современите технологии за комуницирање и користењето на интернетот. Секако, на ова следеа и други организирани мерки и резултатот е тука.

Денеска, Република Македонија е во првата половина на европските држави според бројот на корисници на интернет. Исто така овој тренд го прифатија и државните институции, а секако меѓу нив и Собранието на Република Македонија, со остварувањето на проектот Е-парламент. Проектот го реализиравме заедно со компанијата „Некстсенс“, која е автор на софтверот. Ова особено го истакнувам бидејќи станува збор за домашна фирма, односно за домашен производ и вградено знаење кое сметам може да биде конкурентно на сите пазари.

Со воведувањето на Е-парламентот, во суштина, целиот законодавен процес во Собранието го водиме по електронски пат. Во пракса тоа значи дека од влегувањето на законот во парламентот, сите фази во законодавната постапка предвидени со Деловникот, се одвиваат по електронски пат, а во превод значи дека пратениците имаат можност да го следат и да учествуваат во законодавниот процес и надвор од Собрание и за време на службените патувања надвор од државата.
Исто така, со воведувањето на Е-парламентот, секој пратеник, како и вработените во Собранието, можат многу ефикасно да го следат движењето на секој закон, или друг документ, или акт кој е во собраниска процедура. Сето ова, од една страна ја зајакнува ефикасноста и квалитетот на самиот законодавен процес, а во исто време има и економски ефекти.

Дами и господа,

Втора, исто толку значајна димензија, која произлегува од воведувањето на Е-парламентот, е јакнењето на транспарентноста на законодавниот дом. Oсновна алатка за постигнување на оваа цел е собраниската веб-страница која е поврзана со Е-парламент-системот од каде ги црпи податоците во врска со материјалите од законодавната постапка и која секојдневно, покрај на македонски, се ажурира на албански, англиски и француски јазик. Со тоа е овозможено на истата, освен дневната агенда, како за пленарни седници, така и за сите собраниски комисии и други работни тела, можете да го најдете и секој закон кој влегува во собраниската процедура, како и сите други документи, акти и извештаи кои се тема на расправа во Собранието. Исто така, можат да се следат сите предложени амандмани од страна на пратениците, расправите преку стенограмите во собраниските комисии, како и заклучоците, па сè до усвојувањето на законот на пленарна седница. Односно, секој заинтересиран може преку нашата веб-страница да го следи целокупниот законодавен процес. Исто така, можат да се добијат информации за меѓународната активност на пратениците, односно меѓународната соработка што како парламент ја имаме воспоставено со парламентите во Европа и пошироко.

Понатаму, на веб-страницата можете да ги најдете пратеничките состави на сите досегашни мандатни периоди, со основни биографски податоци за секој актуелен, но и поранешен пратеник. Во тек е дигитализација на стенограмите од сите пленарни седници од првиот парламентарен состав, па до денес, што претставува значајна база на податоци која верувам ќе најде примена и во научно-истражувачката дејност за оние кои сакаат да го истражуваат парламентаризмот во Република Македонија.

Преку нашата веб-страница секој граѓанин може да се обрати до својот пратеник со свои размислувања и предлози.
Имаме воведено и стриминг преку кој можете во живо да ја следите работата на пленарните седници.
На нашата веб-страница можете да најдете актуелни информации за работењето на многу меѓународни институции од Европскиот парламент, Парламентарното собрание на Советот на Европа и така натаму. Преку нашата веб-страница ви се достапни линкови до сите државни институции, како и од парламентите на сите држави во светот.

Фактот дека според истражувањата на јавното мислење, токму интернетот, односно нашата веб-страница се пробива во врвот на медиумите преку кои граѓаните добиваат информации за работењето на парламентот, зборува дека замислата успешно ја реализираме во рамките на Е-парламент-системот, со постојано настојување за унапредување и надоградување.

Овие наши резултати во релативно краток временски период добија високи оцени и од страна на меѓународната заедница. Минатата година учествувавме на светската Е-парламент конференција во Вашингтон посветена токму на оваа тема, конференција организирана од Претставничкиот дом на САД, на која нашиот проект Е-парламент, презентиран од колегата Јани Макрадули беше оценет како еден од најдобрите.

Дами и господа,

Воведувањето и функционирањето на Е-парламентите мислам дека е неминовност која е во функција на зголемување на ефикасноста на парламентарната демократија, на поголема транспарентност во работењето на парламентите, а со тоа и на вистинска и ефикасна интеракција меѓу парламентот како законодавен дом и граѓаните и невладиниот сектор. Во суштина, тоа е и основата на демократијата.

Во мај оваа година на редовната средба на претседателите на парламентите на државите-членки на Европската унија, на која како држава-кандидат учествував и јас, една точка од расправата беше посветена токму на оваа тема. Затоа, како држава-кандидат за членство во ЕУ, ние мораме постојано и сè повеќе да ги користиме и воведуваме овие современи технологии на комуницирање. Во исто време, како држава, мораме да создаваме услови за развивање на домашни, пред сè софтверски производи, кои не само што ќе ги задоволуваат домашните потреби, туку ќе бидат и извозно ориентирани.

Дами и господа,
Почитувани пријатели,

На крајот, би сакал да се осврнам уште на еден друг аспект кога зборуваме на оваа тема. Во човековата историја, имаме безброј примери кога новите научни и технолошки достигнувања биле злоупотребени на различен начин. И токму кога зборуваме за современите технологии на комуникации, можностите за нивната злоупотреба е еден од предизвиците за националните парламенти. Имено, злоупотребата во комуникациите задира во основните човекови права, а со тоа се доведува во прашање парламентарната демократија во целост. Само да потсетам, „Големиот брат“ на Орвел е напишан во првата половина на минатиот век, а се темели токму на комуникациската технологија. Затоа, како парламенти мораме во процесот на донесување на закони, но уште повеќе во процесот на парламентарната контрола врз спроведувањето на законите и воопшто врз контролата на извршната власт, да бидеме многу будни и заедно со другите институции, пред сè со омбудсманот, како и невладиниот сектор да спречиме каква било злоупотреба во користење на овие нови комуникациски канали.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да изразам признание до организаторите на оваа конференција и воедно да ви посакам успешна работа. На сите гости им посакувам добредојде, пријатен престој во Република Македонија и се надевам ќе имате можност во деновите што претстојат да видите барем дел од нашето богато културно и историско наследство, токму овде, во Охрид.

Ви благодарам

Click