Активности



Понеделник, 31 јануари 2011 година 

Сексуално образование во училиштата - Кога, ако не сега?

Рамката за сеопфатно сексуално образование во Република Македонија; Националните стратегии за унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје, работата на новите младински советувалишта за сексуално и репродуктивно здравје; постојната образовна програма „Животни вештини“ и Младинската декларација за сеопфатно сексуално образование, беа темите на кои се говореше на втората јавна расправа за сексуалното образование во Република Македонија, што на 28 јануари 2011 година ја одржа Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, во соработка со Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА

Расправата ја отвори претседателот на Комисијата, г-ѓа Лилјана Поповска, а воведно обраќање имаше и заменик-министерот за здравство на Република Македонија, г. Владо Поповски.

Свои излагања имаа: програмскиот директор на ХЕРА, г. Драшко Костовски, проф. д-р Елена Ќосеска од Институтот за јавно здравство, г-ѓа Ајше Селмани, заменик-директор на Бирото за развој на образованието и г-ца Магде Николовска од младинската мрежа Вај-пиер, одговорно лице за Македонија.

Рамката за сеопфатно сексуално образование во Република Македонија предлага принципи и дава насоки за воведување на соодветна наставна програма за сеопфатно сексуално образование и воспитание, наменета е на оние кои донесуваат одлуки и треба да биде искористена при осмислувањето и имплементирањето на сеопфатно сексуално образование и воспитание во Република Македонија.

Во Рамката за сеопфатно сексуално образование во Република Македонија се наведени повеќе причини за воведување на сексуалното образование во училиштата:

- степенот за информираност и на употреба на модерните методи на контрацепција е низок;
- стапката на тинејџерска бременост, како и на абортуси, е неколкупати повисока од онаа во ЕУ;
- постои тенденција на зголемување на бројот на заразени со сексуално преносливи инфекции кај младите;
- сè пониска е возрасната граница на појава на карцином на грлото на матката;
- сè поголем е бројот на млади брачни парови кои се соочуваат со инфертилитет;
- состојбата на насилството и нетолеранцијата кај младите е загрижувачка;
- родовите стереотипи и родовата нееднаквост се загрижувачки;
- пристапот до соодветни информации за сексуалното и репродуктивното здравје и сексуалноста во рамките на постојните наставни програми е недоволен.

Поддршка за воведување на сексуалното образование во училиштата даваат и младите активисти, претставници на 20 здруженија на граѓани, кои работат во полето на сексуалното и репродуктивното здравје и права, здружени во младинската мрежа Вај-пиер. На оваа тема тие се изјаснуваат со: „Кога, ако не сега?“.

Според нив, тоа ќе донесе единствено позитивни промени, како: одговорно сексуално однесување; зголемување на способноста за донесување на информирани одлуки; намалување на зачестеноста на полово преносливите инфекции и стапката на непланирана бременост; намалување на предрасудите; зголемена употреба на контрацепција и кондоми; одложување на првиот сексуален однос и намалување на бројот на сексуалните партнери.

Сеопфатното сексуално воспитание и образование ќе овозможи младите да се стекнат со релевантни информации, знаења и вештини како да го соочуваат и унапредат своето сексуално и репродуктивно здравје; да ги почитуваат разликите; да се информираат за своите сексуални и репродуктивни права, да ги урнат митовите и стереотипите; да бидат подготвени за емотивни, сексуални врски и односи, без насилство и злоупотреба и да се залагаат за родова еднаквост.

Дискутантите, кои беа во поголем број, се согласија дека сексуалното воспитание и образование во училиштата треба да им биде достапно на сите и да се случи што поскоро, затоа што претставува единствен пат да се променат навиките и да се избегнат ризиците. Притоа, треба да се изнајде најдобриот начин на негово спроведување, да се прилагоди и да се структуира според возраста и степенот на развој кај децата и младите, но да се обрне внимание и на наставниот кадар.

На крајот од јавната расправа, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, едногласно ги донесе следните Заклучоци:

1. Комисијата ја прифаќа и ја поддржува Рамката за сеопфатно сексуално образование изготвена од претставниците на ресорните министерства за образование, за здравство и за труд и социјална политика, како и од други одговорни државни институции, од меѓународните организации и од граѓанскиот сектор;
2. Комисијата ги поздравува активностите на Министерството за здравство со кои во пракса се спроведуваат насоките на Нацрт-стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје, особено преку новите 19 информативни пунктови. Истовремено, им препорачува на Министерството за здравство и Министерството за образование покоординирано имплементирање на сите национални стратегии поврзани со сексуалното образование;
3. Комисијата смета дека има потреба Бирото за развој на образованието да го утврди степенот на имплементација на предметот „Животни вештини“ во делот на сексуалното образование. Понатаму, Комисијата препорачува, во согласност со Рамката за сеопфатно сексуално образование, да се изготви издвоена програма за сексуално образование и да се спроведе преку пилот-програма;
4. Комисијата се согласи да организира, во соработка со ХЕРА, посета на парламентарци на Младинските центри за сексуално и репродуктивно здравје  „Сакам да знам“, за да се запознаат поблизу со нивното функционирање, како и со можноста за нивно интегрирање во здравствениот систем;
5. Комисијата очекува Владата да преземе редица мерки со кои ќе се заштитат децата и младите од сексуална злоупотреба и злоставување;
6. Комисијата смета дека има реална потреба за широка кампања за сексуално образование на севкупната популација, во која е спремна да соработува со ресорните министерства и невладините организации.

Click