ЕУ вести

Четврток, 27 октомври 2011 година

ЕУ постигна антикризен договор

Лидерите на Европската унија постигнаа договор за спас од финансиската и должничка криза, кој содржи три клучни точки: отпис на грчкиот долг, зголемување на кредитната стабилност на Европскиот фонд за финансиска стабилност и зголемување на темелниот капитал на банките.

На Самитот во Брисел, претставниците на банкарскиот сектор се согласија на отпис на 50% од долгот на Грција, односно 100 милијарди евра. На тој начин, до 2020 година долговите на нашиот јужен сосед ќе можат да бидат намалени на 120% од брутодомашниот производ.

За да се издржат загубите од грчкиот долг, ќе се изврши докапитализација на европските банки.

Европскиот фонд за финансиска стабилност ќе биде зголемен за 1000 милијарди евра, а парите ќе ги обезбеди главно Кина, но и Русија и Бразил.

По заканата за банкрот на Италија, премиерот на оваа земја, г. Силвио Берлускони, презентирал план за реформи во рок од осум месеци.

Исто така, на ЕУ Самитот се договорени и мерки преку кои ќе се зголеми управувањето со еврозоната и ќе се спаси загрозената европска валута.

„Пакетот мерки околу кои се договоривме потврдуваат дека Европа е подготвена да го направи тоа што е потебно за да ја зачува финсиската стабилност. Техничките детали од тој план ќе бидат завршени следните недели, а Европската комисија ќе предложи натамошни мерки за заеднички излез од кризата“, изјави претседателот на Еврокомисијаta, г. Жозе Мануел Баросо.





Click