ЕУ вести

Петок, 21 октомври 2011 година

Европарламентот ја додели наградата за новинарство

Новинари од Италија, Франција, Финска и Германија, се добитниците на наградата за новинарство за 2011 година, која ја доделува Европскиот парламент во категориите: интернет, печатени медиуми, телевизија и радио. Годишната награда за новинарство, во вредност од по 5.000 евра за секоја од четирите категории, ја додели претседателот на Европскиот парламент, г. Јержи Бузек, на свечена церемонија во Брисел.

„Знам колку тешка задача е да се разјаснува Европа, нејзините политики и одлуки. Промовирањето на подобро разбирање на ЕУ, понекогаш е комплицирано, но е неопходно. Ние сме 500 милиони Европејци и тоа нe засега сите“, изјави првиот европарламентарец.

- Италијанецот Масимилијано Неспола е победник во категоријата интернет, за публикацијата во електронскиот весник на Римскиот универзитет Сапиенца, под наслов „Не знаеме кога, но Европскиот устав ќе дојде“.

Според оценката на жирито, овој блогер умешно ја прикажува ЕУ како институција во развој, која ги претставува не само економските заинтересирани групи, туку и сите граѓани на Европа. Според авторот, ЕУ покажала дека има капацитет да учи од своите грешки, да ги надминува пречките и да се движи напред.

- Роман Губер од Франција е избран за најдобар во категоријата печатени медиуми, за неговата статија „Неверојатна приказна за еврото", објавена во неделникот „Le Point“.

Статијата ја раскажува историјата на создавањето на еврото, вклучувајќи сведоштва на некои од предците, како Жакис Делор и Кристијан Ноер.

Жирито ја оцени статијата како исклучително дело, кое ги задоволува сите критериуми на солидно, цврсто, истражувачко новинарство, коешто истовремено може да биде и врвен образовен инструмент за разбирање на еврото.

- Телевизиската програма „Враќањето на Ромите“ на Теро Коскинен, од финската телевизиска куќа YLE, е победник во категоријата телевија.

Програмата ги отсликува условите во кои живеат Ромите во камповите во Хелсинки, со што го отвора прашањето кој треба да сноси одговорност за нив, на индивидуално, локално, национално и европско ниво.

Жири-комисијата го пофали потегот на авторот да им даде можност на Ромите да говорат сами за себе.

- Во категоријата радио, наградата ја понесе Стефен Вурзел од Германија, за својата програма „Бегалци, организатори и огради“ на германската радио станица SWR.

Наречена „брилијантен дел од новинарската работа", оваа радио програма го разгледува актуалното прашање - како ЕУ се однесува со бегалците на своите граници, посебно на грчко-турската граница.

Членовите на жирито сметаат дека авторот нашол исклучително интересни соговорници за интервјуто, успевајќи да создаде речиси филмска атмосфера.

Инаку, официјалната церемонија на доделување на наградата била проследена со панел-расправа на тема: „Ништо не е невозможно: известување за човековите права и меѓународните конфликти".

На настанот присуствувале националните победници од земјите-членки на ЕУ, како и 60 млади новинари, кои учествуваат на семинарот организиран од Европскиот парламент.
Click