ЕУ вести

Петок, 11 ноември 2011 година

Европска Нацрт-резолуција за спортот

Строги и казнени мерки против допингот, наместените натпревари и насилството на спортските стадиони во Европската унија, се бара во Нацрт-резолуцијата која ја донесе Комисијата за култура и образование на Европскиот парламент.

Европратениците се залагаат за создавање европска база на податоци на луѓе со забранет пристап на стадионите, што ќе им помогне на земјите-членки на ЕУ да разменуваат информации за хулиганите и да ги спроведуваат забраните на меѓународните натпревари на нивната територија.

Покрај тоа, се предлага и воспоставување европски регистар на агентите на спортистите и надоместот кои го добиваат.

Резолуцијата бара поголема транспарентност при меѓународните трансфери на играчите и упатува апел до клубовите да се придржуваат на имиграционите закони кога најмуваат млади играчи од трети земји.

Европските пратеници укажуваат дека во националните и европските правила треба да се предвиди и поврзаноста на обложувалниците со спортот.

Исто така, членовите на Европарламентот сугерираат знамето на ЕУ да стои на дресовите на европските спортисти, а Европската комисија да определи европски ден и „европска престолнина на спортот“.

Во текстот се истакнува и тоа дека помасовното вклучување на жените во спортот и спортските раководни органи, ќе биде од големо значење за ЕУ.

Оваа Нацрт-резолуцијата ќе биде ставена на гласање на декемвриската пленарна седница на Европскиот парламент во Стразбур.
Click