ЕУ вести



Петок, 11 ноември 2011 година

Побрз интернет пристап за граѓаните на ЕУ

Европската комисија предлага инвестирање од 9,2 милијарди евра во изградбата на мрежа за подобар пристап до интернет на поголем број граѓани во наредните години.

Еврокомисијата до 2020 година предлага да инвестира минимум 7 милијарди евра само во инфраструктурни проекти, а со тоа, од друга страна, се проценува дека би можеле да се поттикнат дополнителни инвестиции од 50 до 100 милијарди евра.

За да се оствари главната цел на ЕУ севкупно се потребни околу 270 милијарди евра. А таа цел е до 2020 година половината од сите домаќинства во Европа да имаат пристап до добар и брз интернет со 100 мегабајти во секунда.

Европската комисија со парите сака да поттикнува и дигиталните услуги, како на пример подобра инфраструктура за електронските лични карти или електронските картони на пациентите.

„Субвенциите треба да ја зголемат веродостојноста на проектите и да го намалат нивниот ризик“, соопшти Европската комисија.

Брисел ќе сноси дел од финансискиот ризик заедно со меѓународни финансиски институции и Европската инвестициона банка.
Предлогот на Комисијата е дел од пакетот подобрување на сообраќајните патишта и мрежите за струја и пренос на електронски податоци во Европа.
Со цел предлогот да биде усвоен, потребна е и согласност од Европскиот парламент и од Советот на министри.

 

Click