ЕУ вести



Среда, 2 ноември 2011 година

Самит на Г-20

Должничката и финансиска криза во еврозоната ќе биде во фокусот на Самитот на Г-20, кој ќе се одржи на 3 и 4 ноември во Кан, Франција. Претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, г. Жозе Мануел Баросо и г. Херман ван Ромпуј, во заедничко писмо до учесниците на Самитот, ги повикаа лидерите на развиените земји на заедничка акција за воспоставување на глобален економски развој.

Состанокот доаѓа по одлуката на грчката влада да одржи референдум во земјата за Европската унија, откако беше усвоен антикризниот договор за спас од кризата, со кој претставниците на банкарскиот сектор се согласија на отпис на 100 милијарди евра од долгот на Грција.

За време на Самитот, ЕУ ќе ги повика големите светски економии да го усвојат планот за обнова на глобалниот развој, реформи на финансиските пазари и јакнење на меѓународната трговија. Светската економска политика треба да се фокусира на отворање нови работни места и намалување на сиромаштијата.

Во пресрет на Самитот на Г- 20, голем број француски и меѓународни активисти организираат протести, повикувајќи ги водечките светски економии да се насочат кон луѓето, а не кон финансиите.

Инаку, членки на Г-20 се: Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, ЕУ, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Република Кореја, Турција, Велика Британија и САД.

Click