ЕУ вести

Четврток, 20 октомври 2011 година

Тројца финалисти за наградата „Сахаров“ на Европарламентот

Група од пет активисти од арапскиот свет, г. Дмитри Бандаренка и Заедницата за мир Сан Хосе де Апартадо, се трите финалисти за овогодинешната награда „Сахаров“, која ја доделува Европскиот парламент за слобода на мислата.

Првиот финалист всушност е колективна номинација наречена „арапска пролет", на пет луѓе: Асма Махфуз (Египет), Ахмед ал Зубаир Ахмед ал Сануси (Либија), Разан Зајтунех (Сирија), Али Фарзат (Сирија) и Мохамед Буазизи (Тунис), кои го ризикувале сопствениот живот за да придонесат кон демократија, основни права и достоинство за сите.

Белорусинот Дмитри Бандаренка е граѓански активист и член на Белоруската асоцијација на новинарите. Тој е еден од коосновачите на Повелба '97, граѓанска иницијатива за права и координатор на Европската белоруска граѓанска кампања.

Заедницата за мир Сан Хосе де Апартадо е колумбиска заедница на селани, која е меѓународно признат симбол на храброста, упорноста и посветеноста кон вредностите на мирот и праведноста, во опкружување на бруталност и уништување.

Победникот за 2011 година ќе биде објавен на 27 октомври.

Инаку, наградата „Сахаров“, наречена во чест на советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, Европскиот парламент ја доделува за слобода на мислата, секоја година, почнувајќи од 1988, на физички лица или организации, коишто дале голем придонес во борбата за правата на човекот или демократијата.

 
Click