Собраниско раководство



Понеделник, 10 јануари 2011 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод одбележувањето на 20-годишнината од одржувањето на Првата конститутивна седница на Собранието на Република Македонија

Почитуван претседател на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов,
Почитуван прв претседател на Република Македонија, г. Киро Глигоров,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски,
Почитувани претставници на верските заедници,
Екселенции,
Почитувани гости,
Колеги пратеници,

Пред дваесет години во оваа сала се конституира првиот повеќепартиски состав на Собранието на Република Македонија.
Изминаа првите 20 години откако Македонија стана независна и демократска држава.
Изминаа првите 2 декади откако прв пат се состанаа легитимно избраните преставници на народот во првиот повеќепартиски законодавен дом на нашата татковина.
Оттогаш до денес, наспроти сите искушенија, пратениците на Македонија, ги искачија највисоките врвови со кои се заокружи нашата државност
.

Имаше тешки мигови.
Требаше да се вообличи на дело, тука во оваа сала, вековниот сон на генерации граѓани на Македонија.
Тешкотиите ги надминавме, врвовите ги совладувавме, а премрежјата стоички ги издржавме.
Се создаде независна, суверена и самостојна Македонија. Таа беше олицетворение на легитимните потреби на македонскиот народ и на сите граѓани.
Независна Македонија беше проектот, кој во себе ја содржеше илинденската идеја за демократија, соживот, натпревар и развој.
Напредните демократски идеи на револуционерите, олицетворени во Манифестот на Крушевската Република, најдоа своја валоризација во современа Македонија.
Заветите на Крушевската Република за толеранција и разбирање помеѓу сите и за сè со конституирањето на Собранието ја потврдија својата вонвременост и исправност.
Конечно, жртвата на Илинденците и првата демократска влада, која изникна од борбата во славното Крушево, во ова Собрание повторно се роди.
И славната народноослободителна епопеја, чиј врв беше АСНОМ, е вгнезден во основата на македонскиот законодавен дом.
Жртвата на партизаните и славата на Вториот Илинден од 1944 година е енергијата, која придонесе за вообличувањето на македонскиот модел на парламентарна демократија.
Одлуките на членовите на Антифашистичкото собрание се подножјето на кое почна да се гради нашиот парламентаризам.

Драги пријатели,

Македонската држава, која настана во виорот на Втората светска војна и е резултат на победата на македонската војска врз фашистичкиот окупатор, поради тогашните историски околности, како и односите меѓу големите сили остана во рамките на југословенската федерација. Сепак, во повоениот период, иако во рамките на југословенската федерација, во Македонија се воспоставуваат сите општествени и државни системи и институции кои се карактеристични за секоја држава. Од образовен систем на мајчин јазик, од основно до универзитетско образование, понатаму се реафирмира македонската култура и се воспоставуваат културните институции, здравствениот систем, финансиски институции, се формираат и развиваат национални медиумски куќи, се развива земјоделието и индустријата и така натаму.

Меѓутоа, во таа федерација беше наметнат еден идеолошки систем, кој се темелеше врз вистината на една партија, кој граѓанинот наместо како личност, го гледа само како припадник на колективитетот кој требаше да се создаде. Систем во коj човековите права и слободи, и тоа од политичкото дејствување до приватната сопственост, во целост беа укинати и погазени.

Во еден таков систем, наместо владеењето на правото, владееше само една во поголема мера тоталитарна идеологија, која во дел се одрекна од слободарските идеи на македонските партизани.

Само да потсетам дека и првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто беше осуден на долгогодишен затвор, и тоа само затоа што се заземаше за друг демократски политички систем и за поголема самостојност на Македонија. За жал, овие страдања не се ограничија само на овие лица, туку последиците ги чувствуваа и нивните семејства и најблиски, долги години потоа.

За жал, ваквиот внатрешно-политички систем и уредување, имаше последици и на надворешен план. Република Македонија, како и целата југословенска федерација, беше ставена зад железната завеса која симболички ја подели Европа на слободни и демократски држави од една страна и еднопартиски, недемократски и неслободни држави. Со тоа, на Република Македонија, на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани, на сила им беше прекината природната комуникација со Европа, односно со вредностите на татковците на Обединета Европа, на чии темели почива денешната Европска унија, каде свое место, сигурен сум дека ќе обезбеди и Македонија.
Таа е нашата следна голема битка.
Тоа е аманет за годините што доаѓаат.
Европа и НАТО се целите, кои ја имаат сличната тежина, како и создавањето на претпоставките Македонија слободно да се развива. Подобриот живот за нашите граѓани и натамошното зацврстување на демократијата е резултат кој ќе го постигнеме станувајќи дел од овие структури.
Во оваа смисла, само да потсетам дека пред единаесет века во времето на Светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Свети Климент и Свети Наум, Македонија не била обична провинција. Напротив, од тука овие свети луѓе тргнуваат во Европа во својата просветителска и духовна мисија. Затоа, со право велиме дека Македонија, која толку многу ѝ даде на Европа, со право и заслуга ќе биде дел од Европската унија.
 
Почитувани колеги,

Од историјата не се живее. Од историјата се учи.
Токму пратениците на првото повеќепартиско Собрание конституирано пред дваесет година, со своите одлуки ја заокружја таа идеја за самостојна и независна држава.
Во првиот состав имаше девет политички партии и тројца независни пратеници.
Тоа беа бурни времиња и војната на просторот на некогашна Југославија веќе беше на повидок. Во тие регионални околности, веќе на 25 јануари 1991 година Собранието ја донесе Декларацијата за сувереност. Во неа беа јасно дефинирани и најавени промените во општествено-економскиот и политичкиот систем, а беше навестено дека прашањето на сувереноста ќе биде дефинирано со новиот државен устав.
Веќе на 6 август истата година Собранието ја донесе одлуката за Референдум за независност, кој се спроведе на 8 септември, а на кој граѓаните со огромно мнозинство се определија за независна и суверена Македонија.
Врз основа на одлуката на референдумот, на 17 ноември Собранието го усвои најзначајниот државно-правен акт - Уставот на Република Македонија. Со него нашата татковина се дефинира како независна држава во која суверенитетот произлегува и им припаѓа на граѓаните. Државата е, исто така и демократска и социјална. Таа се темели врз начелата на парламентарната демократија, поделба и независност на трите гранки на власта, владеење на правото, пазарната економија, како и неприкосновеноста на приватната сопственост. Во Уставот јасно се дефинирани и човековите слободи и права за што сведочи и фактот дека 2/3 од неговиот текст се посветени токму на нив.
На 19 декември 1991 година, македонскиот законодавен дом донесе Декларација, со која Република Македонија побара меѓународно признавање врз основа на Декларацијата за дисолуција од некогашната Југославија. Веќе на почетокот на 1992 година, беше донесен и Законот за нашата армија, па Законот за националната валута – денарот, и така натаму.
Државата конечно беше конституирана со сите свои атрибути и белези.
Татковината го започна својот долг пат кон вечноста.
Граѓаните после сè започнаа во целост да ѝ се радуваат на слободата.
Македонија стана независна држава!

Дами и господа,

Сето погоре споменато, без никаква лажна скромност, најсилно покажува дека пратениците од првиот парламентарен состав, со својата храброст, лична определба, како и со високо изразеното чувство за значајноста на историскиот миг, ја заокружија вековната идеја и стремежи за независна суверена и демократска Македонија. 
Оттаму, најискрено, во мое лично име и во името на пратениците од сегашниот, шести парламентарен состав, чувствувам длабока потреба да им изразам голема благодарност на пратениците од првиот парламентарен состав за важната улога што ја одиграа. Убеден сум дека нивното дело, заедно со она на Илинденците, со членовите на Првото заседание на АСНОМ, како и со делата на останатите борци кои се вгнездија пред олтарот на слободата - ќе останат засекогаш врежани во историското паметење на генерациите што доаѓаат. Тоа, вооедно е и обврска, за нас и сите други, кои имаат одговорни позиции, да го чуваат она што е создадено, но и да дадат сè од себе истото да го надградат, имајќи ја пред себе единствено вечната идеја – независна и развиена Македонија.

Почитувани колеги,

Во овие први 20 години на државна сувереност и самостојност, парламентарната демократија бележи нагорен тренд. Само податокот дека во овие две десетлетија, во шесте парламентарни состави се донесени над три илјади закони, покажува дека правниот систем во Република Македонија е во целост заокружен. Исто така, ратификувани се стотици меѓународни билатерални договори и други меѓународни документи. Понатаму, со Охридскиот рамковен договор, врз кој се направени и уставните измени, беше унапредена положбата на етничките заедници.
Република Македонија е унитарна држава на македонскиот народ, а во исто време татковина на сите нејзини граѓани. Како мултикултурно и мултиконфесионално општество, создаваме услови во кои секој граѓанин, без разлика дали тој е Македонец, Албанец, Ром, Турчин, Србин, Влав, Бошњак или припаѓа на некоја друга етничка заедница, Македонија да ја чувствува како своја татковина, во која, од една страна ќе ги ужива сите човекови права и слободи, а во исто време ќе може да го зачува, да го развива и манифестира својот етнички, културен или јазичен идентитет. На ова не обврзува Уставот, но исто толку нè обврзуваат и европските стандарди и други документи, но најмногу од сè на таквиот однос нè води, нашата човечка природа, која говори за толеранција, разбирање и соживот.

Истовремено, европските стандарди, Уставот и законите дополнително нè обврзуваат како поедници, или како припадници на одредени етнички заедници, да се однесуваме како лојални граѓани. 
Во првите дваесет години независност, како константа останува и определбата за полноправно членство на Македонија во Европската унија и во НАТО. Определба за чија реализација имаме целосен политички консензус надополнет со исклучително високата поддршка од граѓаните. За жал, во овие дваесет години како единствена пречка во остварувањето на нашата определба за членство во ЕУ и НАТО е апсурдниот спор кој ни го наметна нашиот јужен сосед, а се однесува на нашето уставно име.

Во овој контекст, дозволете да ве потсетам како пратениците од првиот состав крајно енергично и принципиелно на седницата во јули 1992 година, изгласаа декларација со која се одбиваат заклучоците од Лисабонскиот самит на државите членки на Европската унија, а со кои се бараше во името на нашата држава да се изостави зборот Македонија. Граѓаните на Република Македонија преживеале најразлични премрежија, окупации и најгруби обиди за негирање на сопствениот национален и културен идентитет. Но токму тоа историско искуство ми дава за право да верувам дека и овој пат во процесот на преговорите кои сега се водат под покровителство на Обединетите Нации ќе дојдеме до трајно и прифатливо решение, кое нема да задира во националниот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ.
Во исто време, свесни сме дека членството во Европската унија налага многу работа и суштински реформи во сите сфери на општеството и на државата во целост.

Да потсетам дека Република Македонија како прва држава во регионот го потпиша договорот за Стабилизација и асоцијација со Европската унија. Да потсетам и на фактот дека по квалитетно пополнетиот прашалник, Македонија го доби статусот на држава-кандидат за членство во Унијата. Верувам дека не треба да потсетувам дека веќе две години по ред од страна на Европската комисија добиваме препорака за добивање на датум за отпочнување на преговорите за членство. Сето ова покажува дека работиме напорно во исполнувањето на обврските, а носител на сите овие реформи е токму Собранието. Притoа, сакам да истакнам две работи: прво сите овие реформи и имплементација на европските стандарди ги правиме бидејќи тие обезбедуваат поквалитетен живот за граѓаните, а не затоа што тоа го бара Брисел од нас. И второ, дали сето ова можевме да го направиме и да го правиме со една поголема динамика. Одговорот е секако потврден. Имено, знам дека секогаш може да се направи нешто повеќе и подобро.

Дами и господа,

Во овие дваесет години  на парламентарна демократија, во тек е мандатниот период на шестиот парламентарен состав. Во овие дваесет години парламентаризам, секој мандатен состав даде свој значаен придонес. Денес, гледано од нормативен аспект имаме заокружен правен систем, врз кои се темели правната држава. Во изминатиот период развивме и интензивна меѓународна активност. Во таа смисла, сега Собранието има воспоставено билатерални односи со парламентите, како во Европа, така и пошироко. Притоа, посебно сакам да ја истакнам соработката со парламентите во регионот, со што даваме значаен придонес во стабилноста на овој дел од светот и неговата евроатланска иднина.

Во Собранието денес целокупниот законодавен процес се одвива по електронски пат, односно го воведовме таканаречениот систем на Е-Парламент, со што се вбројуваме во горната половина на европските држави кои работат на ваков начин. Со воведувањето на овој концепт на работење, направен е квалитативен исчекор во насока на натамошно зголемување на транспарентноста.
Во овој мандатен период го донесовме и новиот Деловник, како и Законот за Собранието. Неодамна усвоивме  и измени и дополнувања на Деловникот, кои одат во правец на зајакнување на улогата на опозицијата. Редовните координации со координаторите на пратеничките групи на кои присуствуваат и потпретседателите, како и претставник на Владата на ниво на вицепремиер, се само едни од механизмите во практикувањето и развивањето на демократијата и политичкиот дијалог.
Низ призма на досегашното искуство, со задоволство можам да констатирам дека она што ме охрабрува е фактот дека сите стануваме сè посвесни дека дијалогот е потребен, како за власта, така и за опозицијата.

Почитувани,

Со  овој мал пресек на првите дваесет години, сакав да потсетам на еволуцискиот развој на парламентарната демократија, како и на воведувањето на сите потребни стандарди со кои се одликува еден современ законодавен дом, каков што впрочем е македонскиот. Колегите пратеници од првиот парламентарен состав беа концентрирани на поставувањето на темелите на независноста на Република Македонија, како и на нејзиното меѓународно признавање. Тие тоа го направија максимално успешно. Наша цел е да продолжиме да го градиме законодавниот дом како вистински храм на демократијата кој ќе одговори на сите поставени задачи и определби за кои говорев.

Во годинава што започна, исто така нè чекаат сериозни предизвици. Искрено верувам дека сите ние кои денес седиме во Собранието имаме сила и волја заедно да ги совладаме овие предизвици за Република Македонија да има подобра сегашност и поперспективна иднина.

Дозволете, на крајот, уште еднаш во името на сите нас и во името на граѓаните на Република Македонија да се заблагодарам на колегите пратеници од првиот собраниски состав, кои заедно со другите државни институции ги остварија соништата, стремежите и определбите на многу генерации и ја воспоставија Република Македонија како самостојна и суверена држава.

Македонија денес е реалност!
Македонија денес чекори напред со крената глава!
Нашата татковина стана независна за да ја дочека вечноста!

Да живее Република Македонија!

Ви благодарам.

Click