Собраниско раководство

Среда, 7 септември 2011 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на свечената седница по повод 20 години од независноста на Република Македонија

Почитуван претседател на Република Македонија, г. Ѓорге Иванов,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија, г.  Никола Груевски,
Почитуван поранешен претседател на Република Македонија, г. Бранко Црвенковски,
Почитувана г-ѓа Вилма Трајковска, сопруга на поранешниот претседател на Република Македонија, г. Борис Трајковски,
Почитувани поранешни претседатели на Собранието на Република Македонија,
Почитувани поранешни претседатели на Владата на Република Македонија,
Почитувани претставници на судската власт,
Почитувани пратеници, министри, претставници на верските заедници, претставници на дипломатскиот кор,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,

Република Македонија ја слави 20-годишнината од прогласувањето на независноста.
Овие денови, Македонија со гордост се сеќава на изминатите две декади во кои го спроведовме на дело вековниот сон на генерациите пред нас.
Нашата татковина им оддава достојна почит на успесите во минатото, гледајќи решително кон иднината!
Нема поголема афирмација за љубовта и почитта која ја имаме кон земјата на нашите огништа од нашата сплотеност која заедно ја демонстрираме овој 8 Септември, прославувајќи го остварувањето на вековниот македонски сон за државна самостојност
.

Овој голем јубилеј, заслужува достојно одбележување.

Овој голем ден во нашата најнова историја ја поставува основата на нашата одговорност кон Македонија, како политичари и како луѓе.

Не постои поголема гордост за еден народ од создавањето на сопствена држава!

8 Септември е денот кој нe обединува сите под сонцето на Македонија!

8 Септември е денот во кој политичките разлики исчезнуваат пред големината на делото што ни е оставено во наследство!

Конечно, значењето на 8 Септември е единица мерка за оваа генерација македонски политичари, чиј резултат ќе ја определи смислата на сите следни јубилеи!

На овој ден граѓаните на нашата татковина, освен независноста, ја слават слободата и сè што таа претставува.

На овој ден се подигнува и се одржува моралот на нацијата, заедништвото и силата на Македонија.

На овој ден ја реафирмираме нашата лојалност кон државата во која живееме, во која живеат нашите деца и во која ја градиме својата иднина.

Поради сето ова, а и заради многу повеќе, Република Македонија со потполно право заслужува вакво обележување на сопствениот роденден.

Прославувањето на Денот на независноста е мошне значаен настан за секоја држава.

Прославувањето на денот на независноста не го симболизира само чинот на нејзиното стекнување.

Напротив!

Овој ден, носи многу поголемо и подлабоко симболичко и суштинско значење.

Секој 8 Септември, Македонија се потсетува на вековната борба на генерации Македонци за слобода, за права и за достоинствен живот.

Секој 8 Септември, ние се сеќаваме на вековните идеали на сите наши предци, за самостојност и за достоинствен живот.

Секој 8 Септември, Македонија се потсетува дека можноста да го празнуваме овој ден не дојде самата по себе. Таа претставува плод на вековното македонско движење, благодарение на кое, беше зачувана македонската нација, култура и традиција.

Исто така, на овој ден, поклонувајќи се пред успесите во минатото, ги поставуваме и проекциите за годините што следуваат.

Идеалите на нашите претходници, ја определуваат големината на нашите стремежи!

Наследството на Илинденското востание и на Крушевскиот манифест најдобро ја отсликува желбата на Македонците за мир, за соживот и за светла иднина.

Без жртвата на нашите предци, Македонија и сè што е својствено за нас, како нација, ќе беше засекогаш избришано од историјата.

Затоа, на овој ден, наша должност е да се потсетиме на сите оние кои го дадоа својот придонес за зачувување на македонското.

Преку чествувањето на 8 Септември, го одржуваме споменот на славните Илинденци, кои во едни исклучително тешки времиња не потклекнаа пред предизвиците. И во најтешките и навидум безнадежни години на окупација и безмилосна асимилација тие продолжија да ја гајат македонската традиција и македонскиот дух.

Великаните како Гоце Делчев, Никола Карев, Даме Груев, Питу Гули, Јане Сандански и многу други, кои ја основаа првата република во овој дел на Европа и во чија чест и спомен денес подигнуваме паметници, успеаја да го спречат згаснувањето на македонскиот национален оган.

Нивната несебичност и далековидни дела претставуваат голем аманет за нас, како нивни наследници.

Можноста да ја живееме иднината за која тие сонуваа, нè обврзува истото да им го овозможиме и на нашите деца, нивните деца и на децата на нивните деца.

Но, покрај славните револуционери, на овој ден, имаме подеднаква должност да ги отпоздравиме и борците од народно ослободителната војна.

Тие го одржаа континуитетот на македонската борба за независност во текот на Втората светска војна.

Големците како Методија Андонов-Ченто и хероите на партизанското движење, се заслужни за формирањето на првата македонска држава, иако во склоп на еден друг поголем ентитет.

Градејќи врз нивното колективно дело, пред точно 20 години, оваа генерација граѓани на Македонија успеа да се избори за вистинска државна самостојност и независност.

Станавме, конечно, свои на своето!

Успеавме да ја оствариме историската цел, самите да одлучуваме за нашата иднина и да ја кроиме својата судбина.

Меѓутоа, како што покажува и историјата и нашата борба не беше помалку сложена од онаа на нашите славни предци.

90-тите години на 20. век беа исполнети и со мигови кои сите посакуваме да не се случеа онака како што ги паметиме.

Регионот беше растргнат од војни и поделби.

Нестабилноста од која бевме опкружени се закануваше да ја проголта новата кревка македонска демократија.

Ваквите околности беа далеку од олеснителни за земја која штотуку зачекорува во светот на демократијата.

Само преку мудрата политика на македонскиот државен врв, во тоа време, Македонија, успеа да остане надвор од виорот на југословенските војни кои однесоа огромен број на жртви и нанесоа огромна штета на сите нови балкански држави.

Сепак, иако Македонија успеа да ги одржи пријателските односи со сите поранешни југословенски републики, моравме, да се соочиме со подеднакво големи предизвици од друг вид.

Поради името со кое со векови се идентификува нашата заедница и луѓето кои живеат на овие простори, моравме да претрпиме големи неправди кои не чинеа многу скапо.

Во обид да се опстои во тие тешки времиња, кои дополнително беа обременети со ембаргото воведено од страна на Грција, моравме да направиме големи отстапки кои на моменти се закануваа да го доведат во прашање нашето достоинство.

Промената на државното знаме и уставот во 1995 година, во интерес на зачувување на добрососедските односи, не беа препознаени од Република Грција како искрена намера на Република Македонија за мирна коегзистенција со останатите држави од регионот.

Иако, заедно со Словенија, бевме првата република која ги исполнуваше сите услови за независност и членство во Обединетите нации, нам тоа право ни беше ускратено.

Ваквиот развој на настаните, не придонесуваше за стабилизирање на државата и за развој на демократијата.

Она, што ниту тогаш, а ниту сега многумина не го разбираат, кога говориме за проблемот со нашето уставно име, е тоа што Македонија не ни припаѓа само на нас, денес.

Македонското наследство, не е сопственост и право само на оваа или на било која друга генерација Македонци!

Македонското наследство, е онолку наше, колку што е на современиците, на големите револуционери, на борците од НОВ, но и на сите идни генерации Македонци!

Имајќи ја предвид оваа огромна одговорност кон она што е наше, мора да биде јасно дека не можеме и не смееме да си дозволиме да носиме одлуки кои немаме право да ги носиме.

Впрочем, што би биле доколку не сме Македонци!?


Почитувани дами и господа,

90-тите години од 20. век за Македонија донесоа и еден друг, голем предизвик кој остави траен белег во нашата историја.

Преодот од општествена сопственост, кон пазарната економија, се покажа како огромна пречка за нашата држава.

Процесот на приватизација, со кој требаше да се направи мирна транзиција, катастрофално потфрли и беше причина за долгогодишни проблеми кои оставија длабоки рани врз македонското општество и животниот стандард на граѓаните.

Слабата подготвеност за спроведување на овој преод значеше затворање на голем број фабрики и претпријатија на кои се темелеше македонската економија и од кои егзистираа стотици илјади наши сограѓани.

Површното познавање на капиталистичкиот систем, како и злоупотребите направени во овој период дополнително ја влошија ранливата македонска економија на која и беше потребно добро менаџирање за да ги преброди кризите предизвикани од ембаргата и воведувањето на националната валута.

Последиците од оваа национална катастрофа се чувствуваат дури и денес.

Како резултат на тоа, се појави енормно високата стапка на невработеност, огромниот број на стечајни работници и општото намалување на животниот стандард во државата.

Голема е трагедијата и неправдата која беше нанесена во тој период.

Илјадници семејства беа растргнати поради огромниот притисок и стресот кој беше предизвикан, од економската нестабилност и борбата за гола егзистенција.

Трагично е што речиси една цела генерација Македонци мораше да живее во толку нечовечки и недостоинствени услови, какви што преовладуваа во времето на транзицијата.

Сеќавањето на овие неславни времиња е навистина тешко.

Сепак, погледнувајќи наназад, низ што сe минавме и што сè надминавме, не можам, а да не чувствувам гордост.

Минувајќи низ последната деценија од 20. век, Македонија покажа дека има нескршлив дух и непобедлива волја за опстанок.

Само исклучително цврста нација може да се справи со такви носечки проблеми!

Македонија покажа дека знае да ги совладува сите искушенија и предизвици!

Лекциите кои ги научивме и знаењето за кое сме помудри, ќе се погрижат никогаш повеќе да не треба да се помине низ таков, темен, период.

Тестовите, на кои беше ставена нашата одлучност да продолжиме понатаму, да живееме и да работиме за подобра иднина, се уште еден доказ за нашата посветеност.

Ваквата одлучност да се истрае, не беше залудна.

Пребродувајќи ги раните години на македонската независност, успеавме да се избориме за подобри времиња.

Адаптирајќи се на новите правила на игра, кои ги воведе пазарната економија, полека, но сигурно, почнавме да чекориме кон успехот. Можеби ни беше потребно одредено време да ги совладаме овие вештини, меѓутоа од денешна перспектива слободно можеме да кажеме дека Македонија е брзорастечка европска економија.

Во деценијата што следеше го ставивме фокусот на економскиот развој, бидејќи знаевме дека со неговото подобрување ќе се смени животот во Македонија.

И не погрешивме!

Економијата е универзалниот јазик кој го говори развиениот свет.

Направивме крупни чекори, во многу кратко време.

Успеваме да го привлечеме вниманието на големите корпорации кои имаат моќ и интерес да го донесат својот бизнис во нашата земја.

Нашата традиција на добар домаќин, која е вткаена во нашата култура, да ја преточиме и во економскиот свет, се покажа како исправна.

Македонија им покажа на големите бизниси дека знае како да се грижи за оние кои инвестираат во неа.

Ми претставува големо задоволство што можам да констатирам дека оваа стратегија вродува со плод.

Надежта, дека со подобрувањето на економската моќ ќе ни биде овозможено и на други начини да се подобри и животот на граѓаните, станува оправдана.

Во овие дваесет години, примарниот фокус, покрај на економијата, го насочивме на подобрување на правдата, судството, борбата со корпуцијата и организираниот криминал.

Знаевме дека освен економската стабилност, другата најважна работа за граѓаните е нивната безбедност и владеењето на правото.

Имајќи во предвид дека овие две области се тесно поврзани и меѓузависни вложивме надчовечки напори да направиме колку е возможно поголем прогрес, во колку е можно пократко време.

Во тоа верувам и дека успеваме.

Оваа политика треба да продолжи да биде дел од нашата работа сe додека ја вршиме големата должност и одговорност да раководиме со државата.

Законите постојат за да бидат почитувани!

Развојот на меѓуетничките односи е следното поглавје кое го одбележува овој голем јубилеј!

Македонија е подеднакво држава, како на македонскиот народ, така и на Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците...

Вербата во Македонија и чувството да си свој на своето, нè обединува сите, без разлика на јазикот кој го говориме и богот на кој му се молиме.

Иако на овој план имавме тешки пречки за совладување, сепак, Македонија, како и претходно во историјата, во 2001 го напиша својот нов Крушевски манифест во лицето на Рамковниот договор.

Со тоа уште повеќе ги зајакнавме темелите на нашата заедничка иднина.

Покажавме дека љубовта кон Македонија подеднакво може да се изрази силно, како на македонски, така и на јазиците на другите наши сограѓани.

Македонската култура и традиција нè одвојуваат и прават тоа што сме.

Овие 20 години на вистински начин почнавме да ја осознаваме и славиме нашата култура и историска вредност.

Не дозволивме да заборавиме кои сме и од каде сме.

Не дозволивме инерцијата на социјалистичката власт да продре и во новата демократска стварност.

Не дозволивме големите имиња од нашата богата и херојска историја да паднат во заборав.

Конечно, како што доликува на секоја држава, не дозволивме да немаме место каде што можеме да положиме цвеќе и да им оддадеме почит на оние наши славни предци, кои ги дадоа своите животи, за да живееме слободно, како што живееме денес.

Изминатите дваесет години покажавме дека знаеме како да го обезбедиме идниот развој на македонската култура, историја и традиција.


Дами и господа,

Уште од самото осамостојување, Република Македонија јасно ја истакна својата желба да стане интегрален дел од западниот свет кон кој природно припаѓаме.

Ваквата определба беше донесена врз база на чувствата на сите граѓани и релевантните политички и општествени субјекти.

Овој општ консензус опстои до денес, без оглед на разликите кои природно се јавуваат меѓу политичките партии.

Убеден сум дека истиот ќе продолжи да биде подеднакво и конструктивно поддржуван од сите релевантни субјекти, особено доколку се има во предвид напредокот што Македонија го оствари на ова поле во изминатите 20 години.

Нашите заеднички заложби за евроатлантска иднина, мора да бидат адекватно поддржани и преку соодветни дела.

Само преку заемна соработка можеме да успееме да го извлечеме максимумот од она што членството во Европската унија и НАТО можат да ѝ го понудат на Македонија. Во спротивно, нe чека тешка битка, пред сè со самите себе, која може, а не смееме да дозволиме, скапо да нè чини.

Развојот на демократскиот поредок, владеењето на правото и реформите во другите области се процеси кои заслужуваат и бараат поддршка од сите политички субјекти.

Тие се спроведуваат пред сè, за доброто на Македонија и нашите граѓани.

Со нивното остварување, Македонија природно ќе се доближи до критериумите кои овие организации ги имаат поставено за пристапување во нивните редови. Тоа на неколкупати се покажа како точно. Таков беше случајот со добивањето на визната либерализација - чекор кој македонските граѓани со нетрпение го очекуваа од воведувањето на визниот систем.

Мерките што се преземаат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, беа причината и за доделување на препорака за почеток на преговорите со Европската унија.

Иако тие ретко ја добиваа широката политичка поддршка која ја заслужуваа, резултатите покажаа дека доколку ја имаа, таа ќе беше сосема оправдана.

Дополнително таквата поддршка ќе придонесеше и за намалување на непотребните тензии кои ја карактеризираат македонската политичка сцена во изминатите години.

Од тие причини, апелирам до сите релевантни субјекти, искрено и добронамерно да се потрудат да го дадат својот придонес кон остварување на стратешките цели на Република Македонија.

Во поглед на интеграцијата во НАТО, Република Македонија ги оствари потребните критериуми уште во 2008 година.

Модернизацијата на Армијата, која се одвиваше во согласност со стандардите поставени од земјите-членки на Алијансата, беше успешно спроведена и исто така оценета, што се потврди и на самитот во Букурешт во 2008 година.

Наспроти сè, Македонија останува посветена на тесната соработка со земјите кои ги смета за свои сојузници.


Драги пријатели,

Сите носиме подеднаква одговорност за Македонија!

Да покажеме дека сме сплотени и дека имаме сила да искачиме уште поголеми врвови, храбро соочувајќи се со предизвиците што доаѓаат.

Нашите политички разлики, мора да исчезнат пред важните државни прашања.

Единството на сите партии, мораме да го афирмираме уште повеќе.

Граѓаните очекуваат од нас сплотеност и соработка.

Нема, поголема причина за единство, од МАКЕДОНИЈА!

Нема, поголема причина за заедништво, од ИДНИНАТА НА НАШИТЕ ГРАЃАНИ!

НЕМА, ПОГОЛЕМ ПОВОД ЗА ТАКВА ЈАВНА МАНИФЕСТАЦИЈА, ОД 8 СЕПТЕМВРИ!

Со оваа порака, најискрено, Ве поздравувам.

Да живееме во мир со себе, со нашите ближни и со оние кои се различни од нас.

Да бидеме добри христијани и добри муслимани.

Да продолжиме уште повеќе да ја сакаме земјата на нашите огништа, бидејќи таа е единственото место во овој свет, кое можеме да го наречеме наш дом.

Да им се радуваме на нашите поколенија, кои се иднината на оваа земја, бидејќи сè што правиме е бесполезно доколку немаме, на кого, тоа, да му го оставиме.

Нека ни е среќен 20-тиот роденден на нашата млада држава со стара библиска нација.

Нека е вечна и од бога благословена, нашата татковина, Република Македонија.

Благодарам.
Click