Собраниско раководство



Понеделник, 27 февруари 2012 година

Претседателот Вељаноски во официјална посета на Австралија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, од денеска е во петдневна официјална посета на Австралија. Претседателот Вељаноски ја предводи Делегацијата составена од: г. Илија Димовски, претседател на Парламентарната група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Австралија и членовите на Групата: г. Џеват Адеми, г-ѓа Цветанка Иванова, како и г. Милорад Додевски, член и претставник на Македонската дијаспора од Австралија.

Претседателот Вељаноски се сретна со градоначалникот на Витлси, г. Стеван Козмевски. На средбата беше презентирана работата на Советот на Витлси, приходите, развојот на општината,  бројот на македонското население и неговиот придонес во целокупниот развој на општината.

Градот Витлси е втората најбрзорастечка општина во Австралија, во која живеат  над 11.000 Македонци. Изразувајќи го своето задоволство од топлиот прием, претседателот Вељаноски истакна дека Македонската заедница  во Викторија претставува мост меѓу Република Македонија и Австралија. Задачата на политичарите, особено на локално ниво, е да ги продлабочат врските меѓу градовите, а преку нив и меѓу земјите. 

На средбата со претседавачите со Парламентот на Викторија: г. Брус Аткинсон, претседател на Законодавниот совет на Викторија и г. Кен Смит, претседател на Законодавното собрание на Викторија, стана збор за формирањето на Групата за соработка меѓу Парламентот на Викторија и Македонскиот парламент.

Соговорниците се согласија дека формирањето на ваквата група за соработка ќе биде основа за продлабочување на односите на парламентарно ниво, што води до зголемување на соработката во сферата на економијата, која во моментот не е на завидно ниво, особено поради географската далечина, која пак не претставува пречка за политичките односи кои се на одлично ниво, особено со возвратните посети на сите нивоа во последниве години.

Претседавачите се согласија со претседателот Вељаноски дека Македонската заедница во Викторија е лојална и значително придонесува во економскиот и социјалниот живот на Викторија, сепак, треба да се прават напори за активно вклучување на Македонската заедница во државните политички структури на Викторија.

Претседателот Вељаноски во попладневните часови ќе оствари средби со претставниците на македонските организации и здруженија во Австралија, а во текот на утрешниот ден ќе оствари средба со пратениците од Парламентот на Викторија - иницијатори за формирање на Групата за соработка меѓу Парламентот на Викторија и Собранието на Република Македонија.

Во попладневните часови Делегацијата заминува за главниот град на Австралија, Канбера, каде ќе оствари средби со претставниците на федералната власт.

Click