Собраниско раководство



Среда, 4 април 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Собранието на Република Албанија, г-ѓа Јозефина Чоба Топали

„Високо развиени добрососедски односи се еден од приоритетите на нашата надворешна политика, а во тие рамки ја гледам и денешната наша средба и разговори“, истакна на почетокот од средбата претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски.

„Посебно сакам да ја истакнам континуираната соработка помеѓу нашите парламенти, која се одвива на сите нивоа, од соработка на соодветни собраниски комисии до средби и разговори на ниво на претседатели. Сето ова дава голем придонес во билатералните, а во исто време ја јакне целокупната стабилност на регионот и неговите евроатлантски перспективи“, истакна претседателот Вељаноски.

Потсетувајќи дека Република Македонија и Република Албанија заедно го поминаа процесот на интеграција во НАТО, а нашата држава не доби покана од познатите причини наметнати од нашиот јужен сосед, г. Вељаноски истакна дека сега пред Самитот во Чикаго очекува државите-членки да ја почитуваат пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, во која многу децидно се наведува дека Република Македонија, спротивно на меѓународните принципи и договори, била блокирана од страна на нашиот јужен сосед.

„Притоа, сакам да подвлечам дека Република Македонија и по самитот во Чикаго и понатаму, како и досега, активно ќе учествува во сите мисии на НАТО и меѓународната заедници, остварувајќи ја својата одговорност за светскиот мир и борбата против меѓународниот тероризам“, истакна претседателот Вељаноски.
 
Што се однесува на натамошната соработка помеѓу двата парламенти, таа треба во иднина сè повеќе да биде сконцентрирана на интеграциите во ЕУ.

„Како и досега, така и во иднина, ние сме подготвени со нашите албански колеги да ги споделиме нашите искуства, бидејќи европската интеграции за сите држави во регионот е единствената алтернатива. Сите ние имаме своја историја, таа не треба да ја заборавиме, но наша одговорност е да создаваме услови за подобра иднина на нашите граѓани и на регионот“, додаде претседателот Вељаноски.

Исто така, на средбата стана збор и за економската соработка. Претседателот Вељаноски ја истакна потребата од заеднички проекти на полето на инфраструктурата и енергетиката, како и проекти за заштита на човековата средина, пред сè Охридското Езеро.

Претседателот на Собранието на Република Албанија, г-ѓа Јозефина Чоба Топали, изразувајќи благодарност за денешната средба, истакна дека Република Македонија и Република Албанија, не се само соседи, туку и големи пријатели кои споделуваат многу заеднички цели и интереси.

„Ние секогаш сме ја поддржувале и ќе ја поддржуваме Република Македонија во нејзините евроатлантски интеграции. Посебно кога станува збор за НАТО, ние и понатаму интензивно ќе го поддржуваме формалното зачленување, бидејќи вие веќе сега, со вашите активности и ангажман, сте членка на Алијансата.

Што се однесува до парламентарната соработка, убедена сум дека таа ќе продолжи на сите нивоа, а во иднина треба акцент да се стави на интеграцијата во ЕУ. Тука, вашите искуства се добредојдени. Што се однесува до економската соработка, таа треба да се интензивира, како на билатерален план, така и во рамките на регионот и пошироко“, истакна г-ѓа Топали.

Click