Собраниско раководство

Петок, 6 април 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со американски конгресмени

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска ја прими делегацијата на Конгресот на Соединетите Американски Држави, во која се конгресмените: Дејвид Драјер, Дејвид Прајс, Џим Мек Дермот, Ерик Паулсен и Гери Коноли.

На средбата, која помина во духот на веќе високо поставените пријателски односи помеѓу двата законодавни дома, претседателот Вељаноски уште еднаш ги истакна заложбите, како и вистинските резултати што Собранието ги има направено во натамошниот развој на парламентарната демократија кај нас.

Зборувајќи за нашите евроатлански интеграции, претседателот Вељаноски посебно го истакна писмото на 54-те конгресмени испратено до претседателот на САД, г. Барак Обама, во кое се бара Република  Македонија да добие и формална покана за членство во НАТО на претстојниот самит во Чикаго.

Во продолжение на разговорите, претседателот Вељаноски подетално се осврна на повеќето проекти, од кои дел се завршени, а дел со во завршна фаза, кои се прават токму преку партнерството воспоставено со Конгресот на САД, како и со други меѓународни организации и институции.

Сето ова придонесува за натамошна јакнење на демократските процеси во целото општество, а посебно во јакнењето на улогата на Собранието како законодавен дом, но исто така и на неговата надзорна функција.

„Само да потсетам дека и во извештаите на Европската комисија, и тоа три години по ред, многу јасно е истакната улогата и напредокот на Собранието во сите овие процеси“, истакна претседателот Вељаноски.

Конгесменот Дејвид Драјер, кој ја предводи Делегацијата, потсетувајќи на претходните средби со претседателот Вељаноски, изразувајќи благодарност за средбата, уште еднаш истакна дека Република Македонија е препознатлив и значаен партнер во целокупната политика на САД.

„Ние сакаме, очекуваме и ја подржуваме целосната интеграција на Република Македонија во евроатланските структури. Како искрени и отворени пријатели, секогаш сме подготвени да помогнеме преку разни форми токму во тие процеси, како и во натамошниот развој на парламентарната демократија“, истакна конгресменот Драјер. 

Конгресменот Дејвид Полсен посебно го истакна придонесот кој припадниците на Армијата на Република Македонија го дадоа во Ирак, а сега и во Авганистан. 

„Ние тоа високо го цениме и остануваме и понатаму да ги поддржуваме вашите заложби за членство во НАТО и ЕУ, како и во процесот на јакнењето на местото и улогата на Собранието во целокупните демократски процеси“, истакна конгресменот Полсен.

На денешната средба присуствуваше и амбасадорот на САД во Скопје, г. Пол Волерс.
Click