Собраниско раководство

Вторник, 21 февруари 2012 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ И „ПРИЈАТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА“, РИЧАРД ХОВИТ, ЕДУАРД КУКАН И АЛОЈЗ ПЕТЕРЛЕ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се сретна со европратениците и „Пријатели на Македонија“, г. Ричард Ховит, г. Едуард Кукан и г. Алојз Петерле.

На средбата, претседателот Вељаноски се осврна на досегашната работа на Собранието на Република Македонија и потенцираше дека Собранието во континуитет, веќе трета година, од ЕУ добива позитивна оценка за напредокот, дека се одвива политичкиот дијалог и дека сите субјекти во Република Македонија се залагаат за што побрзо евроинтегрирање.

Претседателот Вељаноски истакна дека Собранието, како непосреден претставник на граѓаните, има исклучително значајна улога за внесување на принципите, стандардите и вредностите од европскиот корпус во секојдневниот живот.

Во оваа насока, тој ги повтори напорите кои се прават за унапредување на капацитетите на Собранието. На процесот на реформи и хармонизација со европското право се гледа како на потреба за стекнување на европските стандарди и подигање на конкурентската моќ на нашата економија.

На крајот, претседателот Вељаноски изрази надеж дека со одлуката на Меѓународниот суд за правда од Хаг, околу наметнатиот спор за името, ќе се создадат поповолни услови за аспирациите на земјата.

На средбата беа разгледани оценките и препораките изнесени во Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Македонија за 2011 година. Европратениците се согласија дека Македонија премногу долго чека на отворање на преговорите и дека е неопходно оваа состојба да се надмине.

Европратеникот, г. Едуард Кукан се осврна на повеќе прашања, при што констатираше дека во овие тешки времиња за ЕУ, многу европски работи ѝ се случуваат на Република Македонија и дека тие треба да се ценат. Започнувањето на пристапниот дијалог на високо ниво е еден мал исчекор во контекст на почетокот на преговорите.

Европратеникот, г. Ричард Ховит, кој воедно е и известувач за Република Македонија во Европскиот парламент, потенцираше дека во Нацрт-резолуцијата што треба да биде усвоена во Европскиот парламент во средината на март, се дава јасна поддршка за почеток на преговорите со Унијата и во неа јасно се вклучува терминот - македонски. Тој се осврна на започнатите процеси на јакнење на парламентарните капацитети во Собранието на Република Македонија. 

Европратеникот, г. Алојз Петерле кусо се осврна на значењето и улогата на парламентарната дипломатија во меѓународната комуникација.
Click