Собраниско раководство

Четврток, 19 април 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Република Албанија, г. Бамир Топи

Билатералните односи помеѓу Република Македонија и Република Албанија континуирано бележат нагорен тренд, што е во интерес како на двете држави и на нивните граѓани, така и на регионот во целост, истакна на почетокот на средбата претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски.

„Во тие рамки на високо развиени билатерални односи, посебна улога имаат и двата парламента. Токму затоа за време на неодамнешната посета на претседателот на Албанскиот парламент, г-ѓа Јозефина Топали, се договоривме во иднина нашата соработка да ја интензивираме, посебно на прашања поврзани со евроинтеграциите“, истакна г. Вељаноски.

Потсетувајќи дека Република Македонија и Република Албанија заедно и успешно го поминаа патот на интеграција во НАТО, при што Македонија беше блокирана од својот јужен сосед, претседателот Вељаноски изрази уверување дека Албанија како членка на НАТО ќе продолжи со поддршката на Република Македонија при нејзиното зачленување во НАТО на идниот Самит во Чикаго.

Што се однесува до неодамнешните трагични настани, претседателот Вељановски истакна дека ова злосторство нема да ги наруши меѓуетничките односи и дека тој верува во институциите кои покажаа дека работат многу сериозно и темелно во расчистување и откривање на извршителите.

Претседателот на Република Албанија, г. Бамир Топи, изразувајќи благодарност за средбата, истакна дека Албанија уште по Самитот во Букурешт многу јасно го изразила своето жалење дека Македонија не добила покана за членство во НАТО.

„Ние и понатаму сметаме дека Република Македонија заслужува да биде членка на НАТО и дека тоа е добро како за вашата држава, така и за целиот регион“, истакна г. Топи.

Во врска со трагичните настани, албанскиот претседател истакна дека сега не смее да се дозволи некои маргинални радикални националистички групи да ги нарушат хармоничните односи помеѓу сите етнички заедници.  

„Република Македонија и сите нејзини граѓани заслужуваат да живеат во мир и хармонија, бидејќи тоа е важно не само за вашата држава, туку и за целиот регион“, додаде г. Топи.

На средбата стана збор и за економската соработка, при што од двете страни беше истакнато дека има услови за тоа, посебно во инфраструктурата, енергетиката, туризмот, и така натаму.
Click