Собраниско раководство



Среда, 28 март 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со делегација на Хрватскиот сабор, предводена од претседателот Борис Шпрем

Помеѓу Република Македонија и Република Хрватска нема отворени прашања, а билатералните односи на сите полиња во изминативе дваесет години се во постојан подем - ова е заедничка оценка на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и претседателот на Хрватскиот сабор, г. Борис Шпрем, по денешните разговори помеѓу двете парламентарни делегации.

На средбата, претседателот Вељаноски, честитајќи го завршувањето на пристапните преговори на Хрватска со Европската унија, потсети дека евроатлантските интеграции беа определба и константа на двете држави.

„Заедно го поминавме патот за членство во НАТО, но на Самитот во Букурешт, Македонија, поради познатите причини, беше блокирана од страна на нашиот јужен сосед. Исто така, сме блокирани и за започнувањето на преговорите со ЕУ, иако веќе три години добиваме препорака од Европската комисија. И тогаш, а и сега, ние го поздравивме влегувањето на Хрватска во НАТО, бидејќи со тоа Македонија добива уште еден пријател и поддржувач, а во исто време тоа е многу значајно за целиот регион. Сега, по пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, очекуваме сите држави-членки на НАТО и ЕУ да ги почитуваат одредбите од пресудата“, истакна претседателот Вељаноски.

Зборувајќи за соработката помеѓу двата парламента, претседателот Вељаноски истакна дека таа се одвива добро и на сите нивоа.

„На овој начин, не само што како парламенти даваме придонес во целокупните билатерални односи, туку создаваме услови за многу поквалитетна регионална соработка, со што придонесуваме за стабилност во регионот и неговата евроатлантска перспектива“, додаде претседателот Вељаноски.

Тој се осврна и на положбата на хрватското малцинство кај нас и македонското во Хрватска, истакнувајќи дека и двете држави преземаат конкретни мерки за зачувување и развивање на нивниот етнички, јазичен и културен идентитет, а тоа што треба да се истакне е дека и Хрватската заедница кај нас и Македонската во Хрватска, покажуваат целосна лојалност до државите во кои живеат.

Претседателот на Хрватскиот Сабор, г. Борис Шпрем, истакна дека Република Македонија одамна заслужи да биде членка на НАТО, како и да ги започне преговорите со Европската унија.

Како и досега, така и во иднина, Хрватска во целост ќе ги поддржува евроатлантските интеграции на Република Македонија, која денеска е значаен фактор на стабилност во регионот.

Зборувајќи за парламентарната соработка, претседателот на Хрватскиот сабор, истакна дека се надева дека таа ќе продолжи, пред сè, во правец на евроатлантските интеграции.

„Во моментот, во Саборот работиме на негово функционално преструктуирање, пред сè во однос со институциите на ЕУ, а посебно со Европскиот парламент“, истакна г. Шпрем.

Исто така, тој позитивно ја оцени улогата на македонското малцинство во Хрватска, кое заедно се хрватското во Македонија, се еден од мостовите на целокупната билатерална соработка меѓу двете држави и народи.

Click