Собраниско раководство

Вторник, 8 мај 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со г. Роберт Валтер

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се сретна со потпретседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Роберт Валтер, известител за постмониторинг дијалогот со Република Македонија.

На средбата, претседателот Вељаноски се осврна на постигнато во периодот од последната посета на известителот на Советот на Европа, г. Валтер, при што нагласи дека дека Република Македонија во целина има капацитет да се справи со сите ситуации во кои се наоѓа.

Исто така, тој потенцираше дека Собранието на Република Македонија во изминатиот период покажа дека располага со институционален капацитет за справување со сите предизвици.

Претседателот на Собранието, г. Вељаноски, во продолжението на средбата истакна дека очекува реално известување на постигнатото и завршување на постмониторинг дијалогот, но не како награда, туку како реално вреднувано постигнување и поседување на солиден институционален капацитет.

Од своја страна, известителот за постмониторинг дијалогот со Република Македонија, г. Валтер, покажа интерес и накусо се осврна на неколку прашања.

Тој се задржа на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и прашањата поврзани со него, понатаму на инцидентите кои се случија во изминатиов период кои имаа меѓуетнички карактер, на реформите во јавната администрација и на крајот на прашањето за медиумите.

Исто така, известителот Валтер покажа интерес и за состојбите во Собранието на Република Македонија, за кое оцени дека во однос на последната посета кога беше оптоварено со некои прашања, сега функционира добро.

Претседателот Вељаноски, осврнувајќи се на работењето на Собранието на Република Македонија, нагласи дека во него се одвива дебата по бројни закони и прашања и дека заедно со дебатата е постигната и потребната ефикасност во неговото работење.

Во продолжението на средбата, претседателот Вељаноски се осврна и на сите останати прашања поврзани со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и меѓуетничките односи, притоа нагласувајќи дека во изминативе десет години е постигнато многу, а согласно економската моќ на земјата.

На крајот, тој се осврна и на прашањето за медиумите и решенијата кои во наредниве месеци треба да произлезат од разговорите кои се водат за регулацијата на оваа сфера.
Click