Собраниско раководство



Понеделник, 7 мај 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со еврокомесарот за проширување на ЕУ, г. Штефан Филе

На средбата со еврокомесарот за проширување на Европската унија, г. Штефан Филе, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, потсети дека во трите последователни извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и препораките за започнување на пристапните преговори, Собранието е оценето многу позитивно и како една од клучните институции во нашето интегрирање во Европската унија.

„И во оваа пригода сакам да истакнам дека ова е резултат на сите пратеници и пратенички групи, што ја покажува нашата цврста определба за членство во Европската унија. Во исто време, сакам да истакнам дека сети овие реформи, не ги правиме затоа што тоа од нас го бара Брисел, тука сме свесни дека тоа пред сѐ е во корист на нашите граѓани и нашата држава, односно утре кога ќе станеме полноправен член да бидеме целосно компатибилни и конкурентни со останатите членки. Токму затоа, за ова имаме широка поддршка од страна на јавноста, а исто така е зголемена позитивната перцепција кај граѓаните за работата на Собранието.

Поради познатите причини и наметната блокада, преговорите со Европската унија се блокирани, така што се има чувство дека сега сме во некаков ‘карантин’. Токму затоа, ние ја водиме новата форма на преговори изразена преку пристапниот дијалог на високо ниво. Сакам да истакнам дека ние како Собрание ќе продолжиме максимално да работиме и да ги реализираме сите оние задачи кои ќе произлезат од оваа форма на преговори со Европската унија“, истакна претседателот Вељаноски.

Еврокомесарот за проширување, г. Штефан Филе, истакна дека политиката за проширувањето на Европската унија и во сегашната ситуација во Европа е приоритет на Унијата.

„Токму затоа, го предложивме пристапниот дијалог на високо ниво, кој претставува еден вид на мост преку кој продолжува да се одвива процесот на преговори“, истакна еврокомесарот Филе.

Истакнувајќи го значењето на политичкиот дијалог во Собранието како институција и во неговите работни тела и комисии, еврокомесарот Филе истакна дека тој дијалог треба да продолжи како во самиот процес на донесувањето на конкретни закони и реформи, така и во процесот на нивната имплементација.

Click