Собраниско раководство



Вторник, 17 април 2012 година

Средба на Претседателот Вељаноски со г. Петр Нечас, претседател на Владата на Чешката Република

 

На средбата двајцата соговорници ги истакнаа високо развиените пријателски билатерални односи кои ги опфаќаат сите сфери. Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, посебно ја истакна принципиелната политика на Чешката Република во однос на Република Македонија и нејзиното евроатлантско интегрирање.

„Зошто денеска не сме членка на НАТО и зошто сè уште не сме добиле датум за преговори со ЕУ, верувам дека сите наши пријатели добро знаат. Сепак, ние како држава продолжуваме активно да учествуваме во мировните мисии на Алијансата, чувствувајќи пред сè одговорност за зачувување на мирот и борбата против меѓународниот тероризам. Исто така, сакам да Ве уверам дека остануваме на нашата определба за продолжување на преговорите со нашиот јужен сосед, кој и со пресудата на Меѓународниот суд во Хаг беше посочен како страна која грубо ги крши меѓународните договори и обврски. Иднината на Република Македонија, иднината на целиот регион, е во негова интеграција во ЕУ, но и иднината на здружена Европа нема да биде заокружена без земјите од регионот“, истакна претседателот Вељаноски.

„Што се однесува до парламентарната соработка, таа бележи нагорен тренд и за нас посебно се значајни искуствата на Чешкиот парламент во процесот на хармонизација со европските директиви и воопшто во процесот на интеграција во ЕУ“, истакна г. Вељаноски.

Премиерот на Владата на Чешката Република, г. Петр Нечас, истакнувајќи дека Чешка уште на Самитот во Букурешт силно ја поддржувала Македонија за членство во НАТО, истакна дека интеграцијата на Република Македонија и воопшто на целиот регион е еден од приоритетите на неговата Влада.

„И понатаму ќе продолжиме да ја поддржуваме Република Македонија, која е препознатлива со сето она што го прави во евроатлантските процеси на интеграција и воопшто во стабилноста на целиот регион“, истакна г. Нечас. 

Зборувајќи за билатералните економски односи, премиерот Нечас истакна дека го радува фактот дека трговската размена се зголемува. Токму затоа, со него допатува и поголема група на чешки стопанственици кои се заинтересирани за поголема присутност во Република Македонија, особеноо во енергетиката, транспортот, но и во другите стопански гранки.

Click