Собраниско раководство



Четврток, 17 мај 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Големото Национално Собрание на Република Турција, г. Џемил Чичек

Вкупните билатерални односи помеѓу Република Македонија и Република Турција, кои се и повеќе од пријателски, одат во нагорна линија на сите подрачја, а во тие рамки значајна улога и придонес има парламентарната соработка, истакна на почетокот претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски. Истакнувајќи ја континуираната пријателска и принципиелна политика на Република Турција, претседателот Вељаноски изрази задоволство и благодарност за помошта и поддршката која ја дава Република Турција во интеграционите процеси, а посебно за нашето членство во НАТО, а убеден сум дека таа поддршка ќе ја имаме и на претстојниот самит на НАТО.

„Осврнувајќи се на регионалната соработка, посебно на ниво на парламенти, Република Македонија и Република Турција со својата принципиелна политика која се темели врз европските принципи, претставуваат значаен фактор на стабилноста во регионот и неговата евроатланска интеграција. Имајќи предвид дека од јули Македонија го презема претседавањето со Процесот на соработка на државите во Југоисточна Европа, заедно ќе придонесеме токму на стабилноста, економскиот развој и евроатланската интеграција на целиот регион“, истакна претседателот Вељаноски.

Претседателот на Големото национално собрание на Турција, г. Џемил Чичек, изразувајќи задоволство за средбата и разговорите, истакна дека за Република Турција, Република Македонија била и ќе биде значаен партнер и пријател во сите сфери.

„Република Турција посебно ги цени придонесите на Република Македонија во стабилноста на регионот, а исто така веќе одамна ги исполнивте условите за полноправно членство во НАТО, а посебно треба да се цени вашиот активен придонесе во мировните мисии во Ирак, Авганистан и во други. Затоа, Турција уште на Самитот во Букурешт, а и понатаму, најинтензивно работиме и ќе ве подржуваме за полноправно членство во НАТО алијансата“, истакна претседателот Џемил Чичек.

Во разговорите стана збор и за економската соработка. И двајцата претседатели истакнаа дека таа оди во нагорна линија, но дека има уште многу можности таа да се развива преку инвестиции на турските фирми во Република Македонија.

Click