Собраниско раководство

Вторник, 28 февруари 2012 година, Викторија, Австралија

 
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски оствари средби со претставниците на Македонската заедница

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски оствари средба со претставниците на Австралиско-македонскиот комитет за човекови права (АМКЧП). Раководството на Комитетот за човекови права го информира претседателот Вељаноски за реализираните активности во изминатиот период, за структурата и членство на Комитетот, организираноста и начинот на делување на Комитетот, како и за периодичните публикации кои ги издава АМКЧП во Австралија и државите каде живее Македонската заедница.

Претседателот Вељаноски во оваа прилика му оддаде признание на раководството на Комитетот за истрајноста во борбата за исфрлање на термините Славомакедоци и славомакедонски, воведени со Директивата на Австралиското МНР во 1994 година и враќање на термините Македонци и македонски во сите официјални документи и институции.

На средбата се разговараше и за можните начини за понепосредна соработка со АМКЧП. Беше споделено мислењето дека припадниците на Македонската заедница, во борбата за остварување на интересите и правата, треба поактивно да се вклучат во политиката и во партискиот живот на австралиското општество. На средбата се разговараше и за други отворени прашања на припадниците на Македонската заедница во Австралија, за кои беше оценето дека е неопходно што поскоро да се најде решение.

Претседателот Вељановски, во текот на денот, оствари средба и со претставниците на Советот на Македонската заедница во Викторија, од чија страна беше информиран за активностите на Советот кои се насочени кон признавање на Република Македонија под уставното име од страна на Австралија, обединување на сите Македонци во Австралија, како и активно вклучување на Македонците во политичкиот живот на Викторија, а подоцна и на федереално ниво. Исто така, претставниците на Советот го инфомираа претседателот Вељаноски за новиот состав на претседателството, кој брои 15 члена - од кои 10 се нови членови, претставници на организациите кои членуваат во Советот.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски покажа интерес за идните планови и активности на Советот, за начините на кои може Собранието на Република Македонија да и помогне на заедницата во Австралија, а се говореше и за поактивното вклучување на Македонците кои потекнуваат од државите надвор од границите на Република Македонија.

Соговорниците се согласија дека за Македонската заедница во Австралија е особено важно што имаат претставник во Собранието на Република Македонија, со што заедницата добива можност да ги артикулира своите ставови и проблеми и на тој начин да бара решенија.

Во попладневните часови истакнати претставници на организации, здруженија и поединци на Македонската заедница во Викторија приредија прием во чест на претседателот Вељаноски и членовите на парламентарната делегација. При обраќањето пред присутните на приемот, претседателот Вељаноски се заблагодари за гостопримството и истакна дека Македонската заедница е особено важна за целокупните односи меѓу Република Македонија и Австралија. Нагласувајќи дека е особено горд што за Македонската заедница слушал позитивни зборови, дека е лојална на Австралија и на Викторија и дека значително придонесува во социјалниот и економскиот живот на државата, претседателот Вељаноски истакна дека Македонија секогаш верувала во својата заедница и ги поддржува сите иницијативи и заложби на заедницата, оттука Заедницата треба да соработува со институциите на Република Македонија, со цел да се постигнат очекуваните резултати.
Click