Собраниско раководство



Среда, 11 јули 2012 година

Излагање на г. Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија на официјалното затворање на ИПА Проектот - Техничка помош на Парламентот                                                  

Почитуван амбасадор Орав,
Почитувана г-ѓо Арифи,
Почитувана г-ѓо Бирзниеце,
Почитувани присутни,

Ми претставува задоволство што денеска, по 18 месеци од започнувањето на проектот наменет за зајакнување на капацитетите на Собранието на Република Македонија во процесот на евроинтегрирање и особено процесот на преговори за членство, можеме истиот официјално да го затвориме и да ги констатираме досегашните постигнувања и резултати. Истовремено, проектот претставува и верификација на постигнувањата на Собранието кои беа нотирани во Извештаите за напредокот на Република Македонија на Европската комисија.

Патот на владите и парламентите на земјите-кандидати до членството не е нималку лесен, ни едноставен. Парламентите се особено засегнати поради фактот што губат дел од своите надлежности во процесот на преговори, а истовремено треба да продолжат да се борат да ја задржат својата врска со своите гласачи - граѓаните и да излезат во пресрет на нивните барања.

Во текот на овој процес, од Парламентот се бара да разгледа и усвои илјадници страници европско законодавство, кое треба да биде соодветно преточено во домашната легислатива, чија што примена не секогаш наидува на добар прием кај граѓаните.

Од друга страна, во фазата пред самото пристапување во членство во ЕУ, пред нас претстојат и серија уставни, законски, институционални и организациски реформи кои треба да ги направиме за да станеме еднаков партнер на останатите парламенти на земјите-членки на ЕУ и на Европскиот парламент.

За сето тоа, Собранието мора внимателно и сеопфатно да ја информира јавноста за придобивките на евроинтеграцијата и повратно, да добива информации од општеството за прашања кои се од суштинско значење за нивното секојдневно работење и живеење. Покрај задачите на домашен план, Собранието има обврска видно да ја промовира својата улога и направените реформи и надвор. Тоа ќе го прави во рамките на активности на парламентите на земјите-членки и во Европскиот парламент, искористувајќи ја секоја можност за промовирање на Собранието и на Република Македонија како земја која заслужува да стане земја-членка на ЕУ. Во таа насока, сметам дека поинтензивните контакти со нашите колеги парламентарци и европарламентарци ќе придонесат тие да добијат информации за се она што ние го правиме во процесот на евроинтегрирање.

Во рамките на проектот Собранието на Република Македонија вгради свој придонес со набавка на опрема за архивирање на македонската видео историја од пленарните седници на Собранието на Република Македонија од нејзиното осамостојување, како еден белег на развојот на македонската демократија во изминатите дваесеттина години, како и поради поголема транспарентност кон граѓаните. Во оваа насока, а врз основа на компаративните искуства, отворивме и ЕУ информативен центар во просториите на Собранието, каде можат да се добијат информации поврзани со новостите, политиките, институциите, историјатот, вредностите и правото на Европската унија.

Знаењата и информациите што ги добивме во текот на проектот, веќе ќе може да ги примениме во текот на претпристапниот дијалог меѓу Владата на Република Македонија и Европската комисија, каде Собранието ќе има, исто така, важна улога. За нас, како држава која веќе седма година е со кандидатски статус и која повеќе години успешно ја имплементира Спогодбата за стабилизација и асоцијација, започнувањето на оваа многу висока фаза во меѓусебните односи со Европската унија е одбележана со конкретен патоказ за нашите идни активности.

Република Македонија и нејзините државни институции го поздравуваат ставот на Комисијата дека процесот на проширување мора да остане кредибилен за сите држави-аспиранти, особено за оние што бележат напредок во исполнувањето на критериумите од Копенхаген. Сепак, мора да се напомене дека целта на дијалогот е да се даде нов импулс на реформскиот процес и со тоа да се зајакне довербата за европската перспектива на земјата и истиот не претставува замена, туку мост до отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ.

Членството во ЕУ налага остварување на многу темелни реформи. Во Република Македонија, на овој процес на реформи и хармонизација со европското право се гледа како на потреба за стекнување на европските стандарди и подигање на конкурентската моќ на нашата економија. Собранието, како вистински претставник на граѓаните, има исклучително значајна улога за внесување на принципите, стандардите и вредностите од европскиот корпус во секојдневниот живот.

Успешното завршување на овој проект со зголемени капацитети на Собранието е уште една потврда за подготвеноста на институциите да започнат преговори за членство во Европската унија. Искрено се надевам дека Европската комисија и Европскиот совет ќе ги земат предвид посветеноста и реформите што ги прави Република Македонија и ќе определат датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, бидејќи тоа е стратешка цел на сите политички партии и граѓаните на Република Македонија.

На крајот би сакал искрено да се заблагодарам на сите учесници во овој проект.

Благодарам на вниманието.

Click