Собраниско раководство



Петок, 20 април 2012 година, Варшава, Полска

Претседателот Вељаноски на Конференција на претседатели на парламенти од земјите на ЕУ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во рамките на Конференцијата на претседатели на парламенти од земјите на Европската унија, која денес и утре се одржува во Варшава, Република Полска, зема учество во првата сесија - „Кризата на Европското единство, што да сториме?“, во која воведно обраќање имаше претседателот на Владата на Република Полска, г. Доналд Таск и претседателот на Собранието на Португалија, г-ѓа Марија да Асунчао Естевес. Големиот интерес на учесниците во првата сесија од дводневната конференција резултираше со над 20-тина обраќања на претседателите на парламенти на европските држави.

Според конференциската агенда, во попладневните часови учесниците ќе дебатираат на тема - „Парламентарната контрола врз заедничката надворешна и безбедносна јавна политика и заедничка безбедносна и одбранбена политика“.

Претседателот Вељаноски денеска и утре ќе оствари билатерални средби со свои колеги, претседатели на парламенти на државите од Европската унија.

Обраќање на претседателот Вељаноски на првата сесија - „Кризата на Европското единство, што да сториме?“

Почитуван претседавач,
дами и господа,

Кога станува збор за криза во конкретна област или за криза во конкретен облик, и покрај сложеноста на проблемите кои кризата ги носи, секогаш постои можност да се согледаат причинителите, но и да се изнајде решение за нивно надминување. Кога зборуваме за криза на единство, работите се чинат далеку покомплексни, а проблемите премногу испреплетени, и социолошки, и културолошки, и економски... причинителите за кризата не можат лесно и јасно да се дефинираат и препознаат.

Во моменти на таквата состојба, не смее да се изгуби од вид целокупната нишка на процеси, вложувања, па ако сакате и жртви, за да се дојде до зацртаното, до стадиумот кој се посакувал. Тргнувајќи од иницијативата, од идејата, со многу вградено знаење и работа, со заложби, скапо платеното искуство ни стои како опомена на сите што на било кој начин сме вклучени во „единството“ кои доживува криза.

Ако се присетиме на мислата на Конрад Аденауер: „Ни стигна надеж - Европската унија“... неминовно треба да се запрашаме дали можеби сме во борба со сопствената надеж!? Зошто и до каде тоа ќе нè однесе!? Притоа, во процесот на барање на одговори мора да го вложиме максимумот во сочувување на вредностите и бенефитите кои ни ги дава долго креираното и обликувано единство.

Секогаш може уште, секогаш може подобро!!! Не смееме да потклекнеме пред предизвиците! Токму оваа генерација го има предизвикот да го сочува, но воедно и да го надгради стекнатото, создаденото. Допрва може да се работи и гради, и „назад“ не треба да постои!

Заложбата и вложувањето треба да бидат искрени, пристапот кон сите праведен и принципиелен, во спротивно остануваме само декларативно поборници за единството кое значи многу, чини уште повеќе!

Ако заложбата ни е доволно искрена, а целта и намерата позиционирани повисоко од сопствениот интерес и корист, тогаш неминовно ќе останеме лојални на принципите на кои се градело „единството“.

Доколку се согласиме со Ниче, кој смета дека ако нема единство, тогаш вредностите немаат никаква смисла, стануваат бесмислени, состојба која значи нихилизам, ништо... треба да се запрашаме дали тоа е нашиот стремеж??? Дали таква состојба сакаме!?  

Не се работи за тоа колку ни значи пријателството или колку лично нè засега лошиот однос со одредена страна, не се работи ниту за тесен и егоистичен пристап кон обврските и бенефитите, се работи за тоа колку нам ни значи заедничка Европа, нашите заеднички стандарди и вредности, колку сме подготвени да го чуваме и јакнеме заедничкото единство!

Почитувани,

Дозволете да завршам со мислата на Винстон Черчил:
„Доколку некогаш обединета Европа би била во состојба да го подели заедничкото наследство, тогаш нејзините триста или четиристотини милиони жители ќе уживаат во среќа, благосостојба и чест во неограничена мерка“.

Мислата на Черчил ја одбрав неслучајно... истата ги содржи клучните: ОБЕДИНЕТА, ЗАЕДНИЧКО и БЛАГОСОСТОЈБА...
Зарем не сме за тоа тука?

Ви благодарам.

Click