Собраниско раководство



Петок, 27 април 2012 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 20 години од монетарното осамостојување на Република Македонија

Почитуван гувернер на Народната банка на Република Македонија, господин Димитар Богов,
Почитувани поранешни гувернери,
Почитувани колеги пратеници, министри, ваши екселенции,
Почитувани дами и господа,

Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам по повод одбележувањето на големиот јубилеј, 20-годишнината од монeтарното осамостојување на Македонија. Минатата година ги одбележавме клучните датуми поврзани со сувереноста на независна и демократска Република Македонија, а оваа година на ред дојдоа и другите историски значајни годишници, меѓу кои особено значајно место зазема одбележувањето на 20-годишнината од монeтарното осамостојување на нашата држава.

Почитувани  присутни,

Во изминатите дваесет години многу постигнавме и многу прашања решивме. Се разбира, некои успешно, некои, сепак, помалку успешно. Поминавме низ многу тешкотии, бевме доведени во многу искушенија и ситуации кога требаше да се повлекуваат решителни и значајни потези за иднината и опстојувањето на независна и самостојна Република Македонија.

Еден од тие клучни чекори се случи вечерта на 26 април 1992 година, во Собранието на Република Македонија, кога тогашниот премиер Никола Кљусев ја прогласи монетарната независност и ја промовираше македонската национална валута - денарот.

„Со Законот за парична единица Македонија добива своја валута и имам задоволство да ви покажам како таа изгледа. Нека ни е честито“, изјави Никола Кљусев на говорницата во Собранието кога пратениците ги усвоија Законот за Народната банка на Македонија, Законот за паричната единица и соодветните одлуки во функција на монетарното осамостојување на Република Македонија.

До ден денес ова е една од највпечатливите слики, сведок за монетарното осамостојување на Македонија.

Тогашната Влада на Република Македонија, предводена од академикот Никола Кљусев, заедно со клучните закони и одлуки за монетарното осамостојување, до Собранието на Република Македонија достави Антиинфлациона програма.

Да се потсетиме, тоа е време кога месечната стапка на инфлација изнесуваше 86 отсто. Моќта на нашата економија, во период по прогласувањето на независноста, длабоко беше погодена од војната во другите делови на поранешната југословенска федерација и се наметна блокада од страна на Грција која беше сосема надвор од меѓународната етика. Овие настани и блокади беа придружувани со силна и неконтролирана емисија на динари од страна на Народната банка на Југославија, со цел за префрлање на големите трошоци на војната и економската девастација врз грбот на граѓаните во самостојните републики. Оваа политика доведе до ерозија на југословенскиот динар и до негово онеспособување како легитимно платежно средство во платниот промет. Долговите на македонското стопанство кон странство беа мошне високи и заедно со каматите изнесуваа над милијарда долари. На иста висина беше и долгот во однос на девизните заштеди на населението.

Сите овие прашања не можеа да се решат во краток рок и беа врзани со сукцесијата и делбениот биланс на екс југословенската федерација. Нашето тогашно ниво на девизни резерви беше доста ниско и поради тоа тие не можеа да ја играат улогата на стабилизатор на македонскиот пазар и воопшто за стабилноста на македонската валута.

До крајот на 1991 година беа создадени девизни резерви во износ од 12 милиони долари, од кои околу 7 милиони долари беа во монетарно злато. До крајот на април (односно денот на монетарното осамостојување), девизните резерви достигнаа едвај 16 милиони долари.

Да се потсетиме и на другите околности и настани непосредно поврзани со моментот на монетарното осамостојување. Во средината на април 1992 година југословенската армија конечно целосно ја напушти територијата на Македонија. А, на 27 април веднаш започна замената на југословенските динари со македонскиот денар во сооднос еден-еден и заврши успешно во предвидениот рок од три дена. Така, критичниот момент успешно се преброди.

Сепак, непосредно во периодот кој следеше, од надвор во Македонија се уфрлаа големи парични суми со кои се правеше обид за девалвирање на нашиот денар и на заживувањето на македонската валута. Со засилување на монетарната контрола релативно брзо се надмина и оваа поткупувачка активност.

Во наредните години се заокружува процесот со етаблирањето на македонската валута. Со пуштањето во оптек на првите македонски пари, започна борбата со хиперинфлацијата со примена на рестриктивна монетарна политика, а како резултат на тоа во периодот мај - декември 1992 година инфлацијата беше намалена на просечно ниво од 12,7 отсто.

На крајот од 1992 година Советот на Народната банка на Македонија донесува одлука за изработка на новите пари, така што првите македонски денари, кои ги заменија боновите, беа пуштени во оптек во мај 1993 година. Во наредните години, Народната банка на Република Македонија воведува пазарно ориентирани инструменти како вовед за отворен пазар.

Почитувани присутни,

Воведувањето на македонската парична единица и монетарното осамостојување беше логично следење на чекорите за креирање на државата по успешниот Референдум и прогласувањето на независност на 8 септември 1991 година.

Во овој 20-годишен период, од нашето осамос¬тојување до денес, Република Македонија стана членка на речиси сите значајни меѓународни организации со кои успешно и активно соработува. Таа стана и респектиран партнер во соработката со многу држави во светот од кои со повеќето имаме воспоставено успешни не само дипло¬матски и поли¬тички односи, туку и значајни економски и културни врски.

Народната банка на Република Македонија во изминатите две децении ги совлада сите предизвици и денес е целосно созреана и оспособена институција за успешно исполнување на својата уставна и законска функција.

Народната банка на Република Македонија учеше преку сопственото искуство, но и преку искуствата на водечките централни банки. Постигнатите резултати сами говорат за тоа: импресивно долга низа на ниска и стабилна инфлација и здрав банкарски систем, којшто не беше разнишан ниту за време на големата светска рецесија.

Во изминативе 20 години од осамостојувањето, постигнавме финансиска стабилност, а клучен приоритет ни е високиот економски раст за подобар живот на граѓаните. Наш недвосмислен интерес е реално да ги примениме европските стандарди и  да ги заокружиме реформите. Наш приоритет е да го оспособиме стопанството да биде конкурентно на европските пазари, а да подигнеме нови образовани генерации кои можат да се носат со знаењата на своите врсници ширум развиениот свет. Посветени сме на подигањето на животниот стандард на сите граѓани и заедно ќе се избориме за поскоро остварување на оваа наша клучна цел.

Годините кои доаѓаат се времето кога може да се каже дека постои доволна историска дистанца, растовареност од актуелна политика, кога ќе можеме да дадеме вистинска оцена за сложеноста на сите наши постигнувања, но и грешки.

Но, уште сега, може да констатираме дека макроекономската стабилност која Република Македонија ја постигна во изминатиов период, генерално, позитивно влијаеше на сите останати државни функции.

Покрај одржувањето на макроекономска стабилност како предуслов за натамошен развој, нашите заложби се насочени кон одговорна фискална политика, со одржување на умерено ниво на буџетски дефицит и оддржливо ниво на јавен долг. Од своја страна, ниските даноци, социјални придонеси и други давачки кон државата создаваат претпоставки за привлекување на домашните и странските инвестиции.

Во секој случај постојано и посветено треба да се работи и на подобрувањето на бизнис климата и на подобрувањето на квалитетот на работната сила.

На крајот, дозволете ми уште еднаш да го честитам јубилејот - 20 години од монетарното осамостојување на Република Македонија, да им се заблагодарам на сите фактори кои се вградија во овој процес, а воедно и да се потсетиме и да ги подвлечеме заслугите и на сите оние кои за жал повеќе не се со нас, а кои беа и темел и двигатели на овој круцијален процес за Република Македонија.

Благодарам.

Click