Собраниско раководство



Четврток, 2 август 2012 година, Пелинце

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 2 Август - Илинден, Ден на Републиката

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Уважени борци, учесници во антифашистичката борба,
Следбеници и почитувачи на големото дело на Илинденците,
Почитувани пратеници,
Членови на Владата на Република Македонија,
Поранешен претседател на Република Македонија, г. Бранко Црвенковски,
Ваши екселенции,
Претставници на Македонска православна црква, како и на останатите верски заедници,
Почитувани гости,
Драги пријатели,

Илинден е несопирлива енергија.
Илинден е симбол за саможртвата за нашата татковина и носечки код на Македонија.
Илинден е празникот на револуционерното будење на македонскиот народ.
Тој е чекор кон идеалот за слобода. Момент кога сонувачите го исполнуваат сонот.
Кога малиот и поробен народ со големо срце го добива она за што голем број други народи долго време мечтаат и сè уште се борат.
Илинден е и мигот кога граѓаните на Македонија цврсто решаваат да го кренат својот глас за своја држава.
Гордо. Достоинствено. Чесно и борбено.
Тоа е светлата точка во историското море од настани кога си го зедовме тоа што природно ни припаѓа.
Станавме свои на своето.
Цврсто го зграпчивме за навек нашето право на самоопределување, исто како и секој друг слободољубив народ.

Почитувани присутни,

Велат дека за големи дела се потребни голема енергија, силен потенцијал, сплотеност, фанатична пожртвуваност и искрена волја да се достигне целта.
Илинден е токму таквото големо дело.
Тоа е денот кој во себе ја носи жртвата на илјадници напатени синови и ќерки на Македонија низ вековите до денес.
Јунаците од нашите Илиндени се нашите херои, кои на свои плеќи ја понесоа праведната борба за слобода.
Не може човек, а да не се поклони пред нивното дело.
Не може ниту еден кој ја сака својата држава, да не го почитува херојскиот подвиг на двата Илиндена.
Затоа, денес, со восхит и со длабока почит, им се поклонуваме на Христо Татарчев, на Гоце Делчев, на Ѓорче Петров, Никола Карев, Јане Сандански, Дамјан Груев, на Питу Гули... Им се поклонуваме и на илјадниците знајни и незнајни великани кои на Илинден му даруваа вечност.

Пријатели,

Ова не е само ден на славање.
Илинден е длабока традиција и еве веќе 109 години нашиот народ го празнува Илинденското востание.
Тоа е трајна вредност.
Илинденското востание ја исполни својата историска  задача.
Иако востаничките дејства не ѝ донесоа потполна слобода на македонската земја, 2 август 1903-та го ослободи националниот дух на Македонецот.
На највисокиот пиедестал на честа беше поставена нашата решеност, нашата посветеност, дури и по цена на животот да се дојде до слободата.
Таквата беспрекорност и тој непокор мора да се почитуваат.
Овој Илинден е успешен затоа што тој продолжи.
Во 1944 година се оствари она што во 1903-та беше започнато.
Се случи големиот и вонвременски АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот „Св. Отец Прохор Пчињски“.
Тоа се два датума кои ги поставија темелите на македонската држава и се оствари сонот на многу генерации. Вековниот стремеж за самостојна држава на македонскиот народ за неговата национална, културна и јазична самобитност, но и држава на сите граѓани без разлика на вера или националност.
Хероите од Народно ослободителната борба го продолжија делото на Илинденците.
Со истата цел, со истата пожртвуваност и со истата посветеност.
Светата илинденска идеја ги носеше партизаните од вториот македонски Илинден кон небесните врвови на успехот.
Тука беа удрени темелите на македонска држава, извојувано правото на самобитност втемелено врз принципите на самоопределување.
Затоа е достојна славата на нашите херои на партизанското движење, какви што беа Методија Андонов-Ченто и Панко Брашнаров; Коста Солев Рацин и Кузман Јосифовски-Питу; Страшо Пинџур и Мирче Ацев.
Слава и поклон и на илјадниците незнајни и знајни партизани кои храбро се бореа за национална слобода против дотогаш најсилната армија, против Хитлеровата армада и неговите сојузници. Со антифашистичката борба и одлуките на АСНОМ, македонскиот народ се вброи во онаа група на народи кои го победија најголемото зло во минатиот век - фашизмот.
И денес еднакво силно звучат Рациновите зборови: „најважното од сè е дека оваа земја се викала Македонија и дека овој народ голорак се бори за својата слобода“.

Почитувани,

Со векови нашите предци го чуваа и пренесуваа нашето битие од колено на колено.
Ние не смееме на нашите поколенија да им оставиме земја и народ обезличени и  без корен.
Дрвото без корен е осудено да изгние.
Токму ваквите мигови и светли датуми се време кога секој од нас треба да се запраша што бил мотивот на плејадата од херои кои ги дале своите животи пред олтарот на слободна и независна Македонија.
Материјалното  за тие луѓе не значело ништо.
Нив ги воделе идеите и бескрајната желба за човечка слобода и човечки правдини на својот народ во своја сопствена татковина.
Затоа, нивните имиња се запишани со светли букви врз крвавата и тешка македонска историја, токму како и бајракот на слободата што со векови го носеле. 
Во духот на Крушевскиот манифест и во документите на АСНОМ, во одлуките и декларацијата, јасно се дефинирани општите и посебните човекови права и слободи, јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава. Со ова, македонскиот народ, како и во далечната 1903 година, го потврди својот космополитски дух и својата отвореност, толеранција и почит до другиот, различниот. Таа вредност ја потврдивме и 1991 година и во Уставот на денешна Република Македонија.
АСНОМ постави темел на една современа држава, втемелена на демократски принципи и вредности.
Овие темели и денес се носители на европска Македонија, што само говори дека татковците на нашата држава имале визија да создадат Република која ќе биде подеднакво современа и тогаш и денес во услови на обединета Европа.
АСНОМ не случајно се одржа на големиот ден посветен на Свети Илија.
На овој ден се пожнеа семето кое го засадија Илинденците, но и сите револуционери пред нив.
На овој ден се оствари македонскиот сон, народот кој ја просветли половина Европа, да ја види светлината на слободното сонце.
На овој ден и пред 68 години, а не помалку и денес, огромно е чувството на гордост да се припаѓа кон еден народ со светла и славна историја.
Ова чувство не успеаја да го намалат ни прогоните, ни пропагандите, ни погромите,  ни било какви директиви.
Сонот стана реалност.
Сонот успеа да опстои како илинденски и асномски идеал преку 8 септември 1991 година сè до ден денешен, а убеден сум дека ќе опстои засекогаш.
Слободата не е никаква привилегија која може само да се ужива.
Слободата мора секогаш одново да се освојува.
Слободата не е само аспект на човековиот живот, како што се богатството или бедата; мирот или војната; здравјето или болеста.
Слободата е суштината на животот.

Почитувани,

Пред Македонија претстои постојана борба за освојување на слободата.
Таа борба денес се води за просперитет, за развој, за повисок стандард и за подобар живот.
Наша задача, како генерација, е таа борба да ја водиме бескомпромисно, а минатото покажало дека македонскиот народ и граѓаните на Македонија секогаш успевале да излезат како победници.
Македонија секогаш била на вистинската страна.
Ние немаме црни петна.
Нашите предци не ни оставија минато од кое треба да се срамиме и затскриваме и затоа тоа треба да го славиме.
Не постојат помали и поголеми херои.
Секој што се борел за слободата на Македонија е еднакво голем со секој оној кој ја споделувал таа идеја.
Годините зад нас се нашата потврда, но и силна гаранција дека напредуваме; дека цврсто чекориме на патот кон успехот; дека го правиме она што најдобро знаеме - да работиме за нашата земја, за напредокот на нашите семејства, за светлата иднина на нашите деца!
За да се прават дела, потребно е да добиете шанса.
За да дејствувате потребна е разумност и отворена поддршка.
За да градите потребна е доверба.
За да творите потребен е пример што ќе го следите.
Сето споменато е содржано токму во овие два Илиндена.
Куќата на Македонија е изградена.
Нашата најсвета обврска е да ја сочуваме.
Затоа потребно ни е единство како никогаш порано.
Повикувам конечно да ги оставиме разликите зад нас.
Да бидеме сложни околу напредокот.
Да си подадеме рака за да направиме уште повеќе и уште подобро.
 Да застанеме сите под бајракот на слободна и просперитетна Македонија.
Заедно, како што тоа го правеа нашите татковци, нашите дедовци, да продолжиме да ја градиме Македонија како успешна, вечна приказна, во која демократијата и благосостојбата се наше секојдневие кое постојано го развиваме.
Да бидеме првите што ќе дадат пример.
Одговорноста за развивање на Македонија е поголема од која било разлика која постои и која нè раздвојува.
Македонија како држава на сите граѓани - Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци - ние како политичари, како Собрание, како избраници на народот, имаме одговорност кон сите нив.
Како претседател на Собранието на Република Македонија, искрено се залагам за овие принципи, затоа што знам дека порано или подоцна заслугата за она што е направено дело бездруго ќе дојде.
Ќе помине време и ќе ги надминеме сите предизвици.
Ќе се соочиме со многу проблеми и искушенија, но на крајот, после сè, чистиот образ, доследноста до принципите и чесноста е она што останува. Не може човек без нив.
Напредокот е тоа кон што се стремиме! Иако тој некогаш независно од нашата волја и посветеност, може да биде попречуван од ирационални спорови.
Но, дека аргументите се поважни од силата, дека правдата ја поразува неразумноста, се покажа и со одлуката на Судот во Хаг во спорот што го имаме со соседна Република Грција.
Добрососедските односи и духот на соработка немаат алтернатива. Република Македонија отсекогаш е посветена кон развивање на односи на соработка на сите полиња со сите наши соседи. Тоа е принцип кој мора да се почитува. Само така, сите заедно, можеме да изградиме стабилен и просперитетен регион, но во исто време и економски, културен и секаков друг напредок на секоја држава одделно.

Драги пријатели,

Големиот државник Винстон Черчил рекол: „Вистината е непобитнa, злобата може да ja нападне, незнаењето може да ја одолжи, но на крајот таа сепак е таму, непобитно постои”.
Затоа, тука од Пелинце, заедно да кажеме:
Нашиот идентитет е нашето постоење, коренот на животот.
Нашиот јазик е она по што се разликуваме од другите.
Силни и обединети продолжуваме да правиме многу повеќе затоа што друг пат не постои!
Денес нашата задача е да ја внесеме Македонија во НАТО и ЕУ.
Сплотеноста е патот.
Токму така, денес сакам да порачам - ако нема сплотеност нема ниту напредок.
Илинден е борбата за слобода.
Денес ја водиме борбата за напредок.
Илинден е жртвата за држава.
Денес треба да ја дадеме жртвата за подобра иднина.
Обединети и сложни.
Со силна љубов кон својата земја.
Со патриотизам.
Со здрави вредности.
За нас.
За нашите предци.
За нашите деца.
За Македонија!

Да живее Македонија!
Бог нека ја благослови Македонија!

Click