Собраниско раководство

Петок, 6 јули 2012 година

Претседателот Вељаноски го отвори 51. Балкански фестивал на народни игри и песни

Почитувани пратеници,
Екселенции,
Дами и господа,
Почитувани учесници на фестивалот,
Драги пријатели,

Ми причинува задоволство да бидам денеска овде и уште поголемо задоволство што неколку години по ред заедно го одбележуваме почетокот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, особено имајќи ги предвид долгогодишната традиција, континуитетот и значењето кое го има оваа манифестација. Ме радува сознанието дека токму Балканскиот фестивал на народни игри и песни е манифестација препознатлива не само во Охрид, и не само во Македонија, туку и надвор од нашата држава, манифестација која заслужено добива особено внимание и почит.

Почитувани,

Македонскиот народ, низ својата долга и богата историја, во често непријатни услови и околности, настојувал, истрајувал и успевал да ги зачува својот фолклор, народната игра и песна, обичаите и традицијата, и истите да ги пренесе на новите генерации.

Како држава, но и како поединци треба да останеме на тој пат на истрајност во зачувувањето и развивањето на фолклорот, традицијата и културните обележја кои не потврдуваат како дел од европската култура и како дел од целокупното цивилизациско и културно наследство.

Она што заслужува да се спомене секако е цивилизациската вредност која ја поседува македонскиот народ во поглед на отвореноста и почитувањето, не само на сопствената традиција, туку и на фолклорот и традицијата на соседите и сите други народи и во респектирањето и уважувањето на различните културни особености.

Балканскиот фестивал на песни и игри е своевиден доказ токму за таа отвореност и почит кон другиот и различниот, посветен на негување и надградување на вредностите значајни за секој народ.

Дозволете да искажам благодарност на организаторот на оваа манифестација, Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ кој со помош на Министерството за култура, преку Балканскиот фестивал на народни песни и игри ги промовира македонските културни вредности и го презентира македонскиот фолклор, но воедно ја промовира и докажува македонската гостопримливост и отвореност кон сите кои ги негуваат овие трајни вредности.

Народната игра и песна, како дел од фолклорот и дел од севкупното духовно творештво на еден народ, се значаен субјект на националниот и културен идентитет на секој народ, имуни на времето, на државните граници и дневно политичките прашања. 

Во насока на споменатото и на заедничко задоволство, годинава Балканскиот фестивал е домаќин на ансамбли и фолклорни групи од Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Хрватска, Турција, Австрија и Полска.

На сите гости им посакувам убав престој во Република Македонија, убави мигови и впечатоци кои ќе ги понесат со себе дома.

Почитувани присутни,

Дозволете ми 51. Балкански фестивал на народни песни и игри да го прогласам за отворен.

Ви благодарам.
Click