Собраниско раководство



Сабота, 21 април 2012 година, Варшава, Полска

Обраќање на претседателот Вељаноски на дебата на тема - „Парламентот, мислење на јавноста и медиуми“

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски на покана од г-ѓа Ева Копаз претседател на Сејмот на Република Полска и г. Богдан Боришевич, претседател на Сенатот на Република Полска, учествува на Конференција на претседатели на парламенти од земјите на Европската унија во Варшава, Република Полска на која учествуваат 28 претседатели и потпретседатели на парламенти, како и претседателот и потпретседателот на Европскиот парламент г. Мартин Шулц и г. Мигуел Ангел Мартинез.

Претседателот Вељаноски имаше свое обраќање во рамките на денешната дебата посветена на темата - Парламентот, мислење на јавноста и медиуми.

Во текот на дводневната конференција оствари повеќе кратки билатерални средби со свои колеги, претседателите на парламентот на Австрија, Италија, Турција, Црна Гора, Холандија и Исланд.

Почитуван претседавач,
Дами и господа,

Времето во кое живееме од нас како политичари, но пред се како  граѓани бара реално да согледаме, но и да прифатиме дека функционираме во свет во кој интернетот, мобилната телефонија, социјалните мрежи, отворените дебатни форуми, создаваат еден сосема нов медиумски простор во кој политичарите, класичните медиуми и новинарите не се веќе единствени кои го обликуваат и формираат јавното мислење. Граѓанинот се повеќе влијае, го обликува и насочува јавното мислење преку дигиталната технологија.  Токму напредокот на технологијата му овозможува  клучна улога во модифицирање на информациите и креирање на нови правила на функционирање на медиумскиот простор.
 
Во овој контекст, значајно прашање е соодносот, постоењето и взаемноста на придобивката, но и од опасноста на ваквата креаторска позиционираност на граѓанинот во медиумскиот простор!? Од една страна, за секое прашање, неопходно е да се слушне мислењето на граѓаните, но од друга страна мора да се има пристап на претпазливост од субјективност и ирационалност во давањето на лично мислење, влијанието на менталитетот, на културните и обичајни навики, степенот на образование, склоност за предрасуди..... сето ова наспроти вклученоста на новинарите во медиумскиот простор, поткрепена со соодветно образование и обврска за професионален пристап во изнаоѓање, обработката и пласирањето на информациите.

Во моментов во Република Македонија се води широка расправа за декриминализација на клеветата, во која се вклучени новинарските и медиумските асоцијации, извршната власт, невладиниот сектор, домашни и странски експерти, со што создаваме услови за слобода и независност како на новинарите така и на целокупниот медиумски простор.

Што се однесува до местото и улогата на парламентот во овој нов, дигитален медиумски простор морам да истакнам дека Собранието на Република Македонија има направено навистина квалитетни чекори. Воведувањето на Е-парламентот овозможи севкупна транспарентност на целокупниот законодавен процес.  Преку редизајнираната парламентарна веб страница, секој граѓанин може да се обрати до својот пратеник или пратеничка група со свои предлози, идеи и забелешки. Парламентарниот телевизиски канал овозможува следење на сите парламентарни седници, надзорни расправи и седници на собраниските тела, со тежнение  наскоро да добие нова интерактивна димензија во која ќе бидат вклучени не само пратениците, туку сите општествени субјекти, вклучувајќи ги и граѓаните.

Соодветен баланс во присутност и делување на сите учесници во медиумскиот простор, би бил идеалното решение, но воопшто не е едноставно да се постигне таква состојба имајќи ја во предвид повеќенасочноста на процесот на информирање. Прашање е како да се биде отворен и транспарентен, наспроти пристрасен, половичен и селективен!?....

Постојано мора да се трага по нови и поефикасни решенија со кои ќе се намали влијанието на шпекулацијата и измислицата во борбата на вистината и лагата, со цел постигнување на посакуваниот баланс на медиумскиот простор.

Ви благодарам

Click