2013



Вторник, 10 декември 2013 година

ФОРУМ ЗА ИНОВАЦИИ - ВИЛНУС 2013

Во рамките нa Литванското претседателство со Советот на Европската унија, од 4 до 6 декември годинава, во Вилнус се одржа првиот форум посветен на иновациите, во организација на литванското Министерство за економија и Агенцијата за наука, иновации и технологија. Целта на организирањето на овој меѓународен настан беше да се создаде платформа за дискусија на високо ниво, посветена на иновациите, најдобрите практики и влијанието врз економскиот раст на ЕУ. Повеќе од 600 учесници на форумот дискутираа за важноста на иновациите за европската економија.

Првиот ден на форумот беше посветен на претприемништвото и жените-иноватори како и на дискусии за придонесот и учество на жените во бизнисот, науката и технолошкиот развој, додека во фокусот на вториот ден беа еко-иновациите, развивање на иновативни екосистеми, јавно-приватното партнерство, иновативни мерки во малите региони и др.

На форумот за иновации во Вилнус беше презентирана европската програма „Хоризонт 2020“ за истражување и иновации. Советот на ЕУ на 3 декември годинава ја усвои програмата „Хоризонт 2020“ за периодот 2014-2020 година. Со оваа програма се заменува досегашната Седма рамковна програма за истражување која завршува на крајот од 2013 година. Буџетот на програмата „Хоризонт 2020“ се очекува да достигне до 80 милијарди евра.

Во фокусот на програмата се три приоритети:

  • генерирање на врвна наука со цел обезбедување на поконкурентен европски систем за истражување и иновации;
  • поттикнување на индустриското раководење заради забрзување на развојот на техологиите;
  • справување со општествените предизвици со цел да се одговори на предизвиците од стратегијата Европа 2020.

За првата област од програмата ќе бидат издвоени околу 25 милијарди евра, за поддршка за мобилност и развој на истражувачите, истражувачката инфраструктура и за нови технологии.

Во областа на индустриското раководење се издвојуваат околу 18 милијарди евра, за технологии со „високо-влијание“ (ИКТ, нанотехнологија, биотехнологија, производства на иднината и вселенска технологија), за истражување и развој на нови производи за унапредување на финансиските инструменти и иновации за зајакнување на капацитетите на малите и средни претпријатија.

Третата област од програмата е посветена на најголемите социјални предизвици: климатските промени, одржлив транспорт, обновливи извори на енергија, безбедноста на храната и општествените и социјалните проблеми, за кои области ќе бидат наменети околу 31 милијарди евра.

Учесниците на првиот форум за иновации усвоија заедничка Декларација во која се содржани десет главни принципи за креирање на европската политика на иновации. Во Декларацијата се нагласува важноста земјите-членки да продолжат да ги зголемуваат инвестициите во истражувањето и иновациите, како и да продолжат со напорите за создавање на заеднички европски иновативен екосистем. Декларацијата ќе биде доставена до Европската комисија.

За повеќе информации на следните линкови:
www.vif2013.com
http://vif2013.com/main-principles-for-shaping-european-innovation-policy
http://www.consilium.europa.eu/uedocs/cms_data/docs/pressdata/en/intm/139875.pdf

Click