2013



Вторник, 24 декември 2013 година

НОВ ПАКЕТ НА ПОЛИТИКИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Чистиот воздух е од суштинско значење за здравјето на луѓето и за здрава животна средина. Квалитетот на воздухот значително е влошен како резултат на индустриската револуција, согорувањето на фосилните горива, производството на енергија и енормниот пораст на сообраќајот на патиштата. Загадениот воздух влијае на квалитетот на животот, на здравјето, доведува до појава на астма и респираторни проблеми кај населението.

Европската унија во изминатите декади има превземено активни политики за подобрување на квалитетот на воздухот: преку контрола на емисиите на штетни материи во атмосферата, подобрување на квалитетот на горивата и интегрирање на поставените барања за заштита на животната средина во енергетскиот сектор и транспортот. Во земјите од ЕУ, и покрај тоа што во изминатите години значително се намалија штетните емисиите во воздухот, сепак нивната концентрацијата сеуште е многу висока, особено во градските средини.

Европската комисија спроведе детален преглед на постојните ЕУ политики за воздухот за периодот 2011-2013 година. Во моментот повеќе од 1/3 од управуваните зони за квалитет на воздухот во ЕУ, ги надминуваат граничните вредности на честичките ПМ10, и ¼ на азот диоксид (CO2). Врз основа на заклучоците од прегледот, на 18 декември годинава Комисијата усвои нов пакет на политички мерки до 2030 година со цел надградување на постојното законодавство, натамошно намалување на штетните гасови од индустријата, сообраќајот, енергетските централи и земјоделството, и за намалување на влијанието врз здравјето на луѓето и животната средина. Пакетот на политики за чист воздух за Европа содржи повеќе елементи:

  • Програма за чист воздух за Европа со мерки кои ќе обезбедат исполнување на зацртаните краткорочни цели како и нови цели за квалитетен воздухот до 2030;
  • Предлог на директива за намалување на емисиите на одредени атмосферски загадувачи и за измена на Директивата 2003/35/ЕЗ;
  • Предлог на директива за ограничување на емисиите на определени загадувачи на воздухот од постројки со согорување од среден обем и
  • Предлог-одлука на Советот за прифаќање на амандманот од 1999 година на Протоколот кон Конвенцијата за далекусежно прекугранично загадување на воздухот за намалување на киселоста, еутрофикацијата и нивото на озон од 1979 година.

Пакетот на политики за чист воздух содржи и мерки за активно вклучување на земјоделскиот сектор со намалување на емисиите на амонијак до 27%, широк спектар на нерегулаторни мерки за поддршка на спроведувањето на политиките и промоција на иновациите и истражувањата. Со цел да се олесни спроведувањето и координацијата на новата стратегија, Европската комисија ќе формира Форум за чист воздух. Напредокот во остварувањето на целите и спроведувањето на инструментите ќе се разгледува на секои пет години.

Информации од следните линкови:
http://ec.europa.eu/environment/air/clean_air_policy.htm
http://ec.europa.eu/environment/air/quality/index.htm
http://www.eea.europa.eu/themes/air

Click