2013

Понеделник, 13 мај 2013 година

НОВИ МЕРКИ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПОБЕЗБЕДНА ХРАНА

Безбедноста на храната е од суштинско значање за обезбедување на довербата на потрошувачите и одржливост на производството на храна. Европската комисија на 6 мај годинава усвои пакет на нови мерки за зајакнување на спроведувањето на здравствените и безбедносните стандарди за целиот земјоделско-прехранбен синџир. Новите мерки се во насока на обезбедување на поедноставен пристап за заштита на здравјето како и поефикасни алатки за контрола со цел ефикасна примена на правилата за дејствување на синџирот на исхрана.

Новите мерки се одговор на повикот за поедноставување на законодавството и воспоставување поефикасна регулатива за намалување на административните трошоци на операторите. Со реформскиот пакет, ЕУ законодавството кое го уредува синџирот на исхрана од 70 делови на законодавство ќе се намали на 5 дела; ќе се намалат административните процедури за земјоделците и операторите во прехрамбената индустрија: производители, преработувачи и дистрибутери; ќе се воведат поефикасни мерки за финансирање и зајакнување на контролите и за искоренување на болестите кај животните и растенијата.

Потрошувачите ќе имаат бенефит од побезбедни производи  и поефикассен и потранспарентен систем на контрола. Посебно внимание во новите мерки е посветено на влијанието на регулативата врз средните и мали претпријатија.

Главните елементи на предлогот на Европската комисија се однесуваат на:

  • службените контроли - зајакнување на расположивите инструменти на надлежните органи во земјите-членки за проверка на усогласеноста со правото на ЕУ преку контроли, инспекции и тестови. Од земјите-членки ќе биде побарано во нивните национални планови за контрола целосно да интегрираат проверки за заштита од измами како и да обезбедат соодветни износи на парични казни за прекршоците;
  • здравјето на животните - со пакетот на мерки се предлага воведување на единствен дел на законодавство за регулирање на здравјето на животните  во ЕУ врз основа на принципот "превенцијата е подобра од лекувањето". Со предлогот се воведува категоризација на болестите кои бараат интервенција на ниво на ЕУ. Новата регулатива треба да биде пофлексибилна со цел да обезбеди ефикасен одговор на целата територија на ЕУ во случај на значајни климатски промени и за справување со нови или непознати ризици;
  • здравјето на растенијата - европското земјоделство, шумите и природното наследство се загрозени од разни видови на штетници и болести кои ги напаѓаат растенијата, појавата на нови видови е зголемена како резултат на глобализацијата на трговијата и климатските промени;
  • растителен репродуктивен материјал вклучително и семиња - околу 60% од вредноста на извозот во светот потекнува од ЕУ. Пакетот на мерки предвидува поедноставени и флексибилни правила за продажбата на семето и друг растителен репродуктивен материјал со цел да се обезбеди продуктивност, приспособување и разновидност во производството на култури  и шумите во ЕУ.

Пакетот на мерки на Европската комисија ќе биде разгледан од страна на Европскиот парламент и Советот. Во моментот, очекувањата се дека новите мерки ќе влезат во сила во 2016 година.

Click