2013



Среда, 03 јули 2013 година

ПРЕПОРАКИ ЗА ПОБРЗА СОЦИЈАЛНА И ЕКОНОМСКА ИНТЕГРАЦИЈА НА РОМИТЕ

Европската комисија на 26 јуни годинава објави извештај во кој се нотира потребата земјите-членки на Европската унија да обезбедат подобро спроведување на националните стратегии за интеграција на Ромите. Европската комисија ги повика земјите-членки да ги исполнат обврските за да обезбедат еднаквост како и да превземат поголеми напори за подобрување на економската и социјалната интеграција на Ромите во Европа. Интеграцијата на Ромите е во интерес на земјите-членки, особено за оние со големо ромско малцинство.

Во извештајот за напредокот Комисијата нотира дека многу од земјите-членки веќе имаат воспоставено механизми за подобра координација на напорите за интеграција на Ромите и за зајакнување на дијалогот со локалните и регионалните власти. Извештајот забележува дека повеќето од земјите-членки не доделуваат доволно средства од националните буџети за имплементација на стратегиите, како и дека државните власти треба да направат повеќе во борбата против дискриминацијата и да ги објаснат општествените и економските придобивки од интеграцијата на Ромите.

Во новиот извештај на Комисијата содржани се предлози и препораки до земјите-членки, за превземање на конкретни мерки како и хоризонтални политички мерки вклучително и локални акции за подобрување на состојбата на Ромската популација. Земјите-членки во период од  две години треба да ги применат мерките во пракса.

Предлогот на Комисијата претставува прв правен инструмент на ЕУ за вклучување на Ромите, со што се зајакнува рамката на ЕУ во однос на националните стратегии за интеграција на Ромите прифатени од сите земји-членки во 2011 година. Препораките се фокусираат на четири области: пристап до образование, вработување, здравствена заштита и сместување.

Со предложената препорака се сугерира земјите-членки да предвидат доволно средства за националните и локалните стратегии и акциски планови за вклучување на Ромите. Финансирањето се олеснува и преку доделување на дел од ресурсите од кохезионата политика на ЕУ за инвестирање во луѓето, преку Европскиот социјален фонд и распределба на најмалку 20% од сумата за секоја земја-членка, за социјална инклузија. Се нотира на потребата за зајакнување на капацитетите на локалните власти и граѓанските организации за да се обезбеди ефективна имплементација.

Предлогот на Комисијата прво треба да биде едногласно усвоен во Советот од страна на земјите-членки како и да добие согласност од Европскиот парламент. Комисијата и во иднина ќе продолжи да го оценува напредокот преку годишен извештај.

За дополнителни информации на следните линкови:
http://ec.europa.eu/justice/newsroom/discrimination/news/130626_en.htm
http://ec.europa.eu/roma

Click