2013



Петок, 22 март 2013 година

СОЦИЈАЛНА ИНКЛУЗИЈА НА МЛАДИТЕ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Во периодот од 11 до 13 март годинава во рамките на Ирското претседателство со Советот на ЕУ, во Даблин се одржа Младинска конференција на Европската унија, каде на едно место се сретнаа младите и креаторите на политиките во ЕУ. Конференцијата претставува елемент од процесот на воспоставување на структурен дијалог, а нејзината цел беше да се обезбеди заедничка дебата и информирање за постигнатиот напредок на политиката за млади, на национално и на европско ниво.

Конференцијата обезбеди присуство на околу 150 млади луѓе и околу 100 креатори на политики од 27 земји-членки на Унијата, кои заедно ја потенцираа важноста на вработувањето и оценија дека тоа е клучно за вклученоста на младите во општеството.

Процесот на структурен дијалог воспоставен е со Резолуцијата Советот на ЕУ од 27 ноември 2009 година, за обновената рамка за соработка на полето на младите (2010-2018). Овој процес е исклучително значаен инструмент преку кој се гарантира дека мислењата и погледите на младите ќе бидат земени предвид при креирањето на политиките во ова област.

Како резултат на пошироките консултации одржани на национално ниво од страна на претставниците на земјите-членки и десетина меѓународни невладини организации таргетирани се седум тематски области кои беа опфатени на неколку заеднички работни сесии на конференцијата:

  • вработување - кон социјална вклученост,
  • инклузија на сите млади луѓе во образовниот процес,
  • учество – еднакви права и можности за учество во општествениот живот,
  • пристап до социјалната заштита,
  • поддршка – социјални услуги за младите
  • младински организации и социјалната вклученост и
  • гаранитрање на квалитет во младинската работа за да се засили социјалната вклученост.

Министерот за екологија, заедници и локално управување, Фергус О`Довд истакна дека 'Младите го потенцираат вработувањето како основа за нивна понатамошна вклученост во општеството и истакнуваат дека периодот од завршување на образованието до вработување е чувствителен период".

Младите и официјалните претставници на земјите-членки на ЕУ заедно договорија 21 приоритетни заклучоци. На крајот од 18 месечниот циклус на консултации, просецот треба да резултира со резолуција на Советот за социјална вклученост, како и со заклучоци за придонесот на квалитетната работа на младите кон развојот, социјалната заштита и социјалната вклученост на младите луѓе кои ќе бидат предложени во текот на Ирското претседателство, во мај 2013 на Советот на министрите за млади.

Тројното претседателство со ЕУ во состав Ирска, Литванија и Грција во соработка со Европската комисија и Европскиот младински форум се согласија дека темата на структурниот дијалог во периодот од 18 месеци (1 јануари 2013-30 јуни 2014) ќе биде социјалната вклученост. Младинската конференција што се одржа во Ирска е првата конференција во рамките на тројното претседателство со ЕУ на Ирска, Литванија и Грција.

За повеќе информации на следните линкови:
http://ec.europa.eu/youth/index_en.htm
http://www.dcya.gov.ie/viewdoc.asp?fn=/eu-presidency-2013/EU-Youth-Presidency-Events.html

Click