Собраниско раководство



Вторник, 8 октомври 2013 година, Будимпешта, Унгарија

Билатерални средби на претседателот Вељаноски на 6. Конференција на претседатели на парламенти од земјите на западен  балкан

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, учествува на Шестата Конференција на претседатели на Парламенти на земјите од Западен Балкан, на покана на претседателот на Националното собрание на Унгарија, г. Ласло Ковер.

Во рамките на Конференцијата, претседателот Вељаноски се обрати на првата сесија: „Интеграција во ЕУ: резултати и аспирации“, а на втората сесија „Безбедносни јавни политики за соработка во Западен Балкан: Придонес за европската стабилност“ имаше свое обраќање и беше копретседавач заедно со домаќинот на Конференцијата, претседателот на Националното собрание на Унгарија, г. Ласло Ковер.

Во рамките на Конференцијата, претседателот Вељаноски оствари билатерални средби со своите колеги, домаќинот на Конференцијата, претседателот на Националното собрание на Унгарија, г. Ласло Ковер, со претседателот на Националното собрание на Република Албанија, г. Илир Мета, со потпретседателот на Собранието на Црна Гора, г. Бранко Радуловиќ, како и со почесниот гостин на Конференцијата, г. Игор Радојчиќ, претседател на Народното собрание на Република Српска.

На средбите соговорниците разменија мислење за актуелните теми и случувања во државите, за значењето на ваков вид на настани за унапредување на регионалната соработка и дополнителен поттик за заемно помагање и поддршка, како и за значењето на парламентарната дипломатија и интензивирање на соработката меѓу парламентите од регионот на сите нивоа. ЕУ перспективата, членството во НАТО и подготвеноста за размена на искуства во однос на хармонизација со европското законодавството и постигнување на стандардите на Алијансата беа исто дел од темите на кои се задржаа соговорниците.
 
Во текот на двете сесии, поголем дел од говорниците го потенцираа значењето од што поскоро отпочнување на преговорите на Република Македонија со Европската унија, како и заслуженото членство на Република Македонија во НАТО.
 
На Шестата конференција на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан, во Будимпешта, учествуваат и делегации од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора и Србија.

Click