Собраниско раководство



Среда, 4 септември 2013 година

Претседателот Вељаноски оствари средба со спикерот на Сенатот на Канада, г. Ноел Кинсела

На почетокот на средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го искажа огромното задоволство да биде домаќин и да возврати на гостопримството од својот колега, г. Ноел Кинсела, спикер на Сенатот на Канада и воедно изрази благодарност за неговата посета на Република Македонија.

Тој напомена дека оваа посета претставува уште една потврда за многу добрите односи меѓу Република Македонија и Канада, кои секако и во иднина ќе продолжат да се развиваат во нагорна линија. Претседателот Вељаноски изрази задоволство и од формирањето на Канадско-македонската парламентарна група за соработка во рамките на Парламентот на Канада, во март оваа година. Со формирањето на оваа група преку директни контакти и средби со Македонската парламентарна група за соработка ќе се овозможи полесно користење на капацитетите кои ги нуди парламентарната дипломатија, а кои ќе придонесат за дополнитено развивање на меѓусебни односи. Претседателот Вељаноски на средбата изрази благодарност за признавањето на уставното име на Република Македонија од страна на Канада во билатералната комуникација.

На средбата стана збор и за евроатлантската интеграција на Република Македонија, како и контрибуцијата на Република Македонија во мисиите на НАТО, за што Канада дава перманентна поддршка за членство на Република Македонија во НАТО, како и соработка во областа на одбраната и кон европските интеграции како најважен политички приоритет на Република Македонија.

Спикерот на Сенатот на Канада, г. Ноел Кинсела, нагласи дека Канада ја признава Република Македонија под уставното име и дополни дека процесот  на интеграција - дали во НАТО или во Европската унија, ја поттикнува Република Макдонија да преземе значајни политички, економски и социјални реформи, кои резултираа со значаен напредок кој го постигна во градење на демократска и просперитетна држава.

Почитуваниот спикер на Сенатот на Канада, г. Ноел Кинсела, на средбата ја изрази благодарноста за топлиот прием во Македонија. Тој истакна дека парламентарната дипломатија полесно ги отвора вратите, од причина што ги нема ограничувањата присутни кај друг вид дипломатија и дополни дека парламентарната дипломатија е растечка и влијателна сила за размена на идеи, поттикнување на меѓусебното разбирање и доверба, како и градење на добра волја меѓу државите.

Спикерот на Сенатот на Канада, г. Кинсела, истакна дека Канада има придобивки од многуте култури кои помогнале во формирањето на мултикултурното општество, во кое Македонците се дел од тоа општество. Од доселувањето на првите Македонци во Канада, македонската заедницата напредувала, растела и ја градела Канада. Тие се застапени речиси во сите општествени текови, како политиката, економијата, науката и спортот.

На средбата, исто така, стана збор и за визната либерализација од страна на Канада, преку отворање на Канцеларија за издавање на визи во Скопје, за што г. Кинсела истакна дека е од голема важност за младите луѓе кои преку образованието ќе се вклучат во глобалните текови на размена на знаење и искуство.

Тој дополни дека е значајно и големи компании од Канада да инвестираат во Република Македонија, со што ќе се зголеми економската соработка, за која и двајцата соговорници се согласија дека е на незадоволително ниво.

На средбата, исто така, се зборуваше и за актуелни прашања, меѓу кои стана збор и за моменталната состојба во Сирија и последиците кои може да настанат од ескалација на состојбите во таа држава.

Click