Собраниско раководство

Среда, 25 септември 2013 година

Средба на претседателот Вељаноски со лорд спикерот на Горниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, баронесата Д’Соуза

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со лорд спикерот на Горниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, баронесата Д’Соуза, која е во официјална посета на Република Македонија.

Претседателот Вељаноски потенцираше дека денешната средба е само уште една потврда за пријателските и партнерски односи кои Република Македонија ги гради со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и уште една потврда за подготвеноста на двете страни за интензивирање на односите и соработката во сите сфери од заемен интерес и изрази задоволство од можноста заедно да придонесат кон унапредување на односите на двете држави, кои традиционално се добри и бележат континуиран развој.

Претседателот Вељаноски изрази благодарност што од воспоставувањето на дипломатските односи во декември 1993 година, Обединетото Кралство во континуитет го поддржува интегративниот процес на Македонија за полноправно членство во Европската унија и НАТО и во билатералната комуникација го користи нашето уставно име.

Претседателот Вељаноски се задржа на добро изградениот партнерски однос на двете држави, на кој укажуваат и проектите кои Обединетото Кралство ги подржува преку својата амбасада и Вестминстер фондацијата, со која Собранието има долгогодишна соработка и со помош на кои се унапредија професионалните квалификации и се зајакна капацитетот на Собранието на Република Македонија.

Баронесата Д’Соуза изрази големо задоволство за можноста да ја посети Република Македонија и Собранието, особено што посетата се совпаѓа со 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи на Обединетото Кралство со Република Македонија и воедно потенцираше дека оваа посета го зајакнува и нагласува пријателството на двете држави.

Лорд спикерот Д’Соуза истакна дека Обединетото Кралство особено цени што евроинтеграцијата е високо поставена во приоритетите на Република Македонија и дека Обединетото Кралство непрекинато се залага за проширување на Европската унија, како и дека е време и Република Македонија да биде дел од неа.

Баронесата Д’Соуза потенцираше дека нема совршена демократија, дека демократијата е процес, а не производ и дека истата во практикувањето бара постојана работа и вложување.

На средбата двајцата соговорници разменија мислење и за парламентарната соработка, за интензивирање на истата на ниво на формираните групи за соработка и на ниво на работните тела, како и за унапредувањето на економските односи и инвестициските можности, и други прашања од значење за граѓаните на двете држави.
Click