Собраниско раководство



Вторник, 27 август 2013 година

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на парламентот на федерацијата валонија-Брисел, Белгија, г. Жан-Шарл Липерто

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со претседателот на Парламентот на Федерацијата Валонија-Брисел и градоначалник на градот Самбервил, г. Жан-Шарл Липерто, кој беше придружуван од градоначалникот на Општина Крива Паланка, г. Арсенчо Алексов и заменик-градоначалникот на Самбервил, г. Никола Димон.

Претседателот Вељаноски изрази задоволство од посетата на претседателот на Парламентот на Федерацијата Валонија-Брисел, г. Жан-Шарл Липерто, кој воедно ја извршува и функцијата градоначалник на градот Самбервил, Белгија и се заблагодари за континуираната поддршка што Република Македонија ја добива од страна на франкофонскиот дел на Белгија, Валонија.

На средбата стана збор за соработката меѓу двете земји на повеќе полиња, меѓу што се вбројува и културната размена меѓу општините, заемните посети на регионално ниво и иницијативите за продлабочување на соработката на парламентарно ниво.

Во однос на разликите во системите на двете земји, претседателот Вељаноски истакна дека во Република Македонија законските прописи предвидуваат неспоивост на функцијата пратеник со вршење на функцијата градоначалник или со некоја друга професија, за разлика од Белгија каде е допуштено извршување на повеќе функции истовремено.

За време на средбата, претседателот Вељаноски ги запозна гостите со политичките прилики во Република Македонија, реформите во земјата, наметнатите пречки за евроатланско интегрирање на земјата, економското јакнење, како и соочувањето со предизвиците произлезени од економската криза. Тој се осврна и на потешкотиите со кои се соочуваат некои земји во Европската унија.

Од своја страна, г. Жан-Шарл Липерто изрази благодарност до претседателот Вељаноски за средбата, истакнуваќи дека му претставува особено задоволство што неговата прва посета на Балканот е токму во Република Македонија. Тој ја истакна поддршката што Валонија ја дава на Република Македонија , особено преку заедничкото членство во Меѓународната организација на Франкофонијата, каде членките освен што го споделуваат францускиот јазик, се залагаат и за почитување на универзалните демократски вредности како столб на секоја демократска земја.

На крајот, претседателот Вељаноски изрази уверување дека оваа средба ќе го поттикне продлабочувањето на соработката меѓу двата парламента во насока на размена на искуства и практики, корисни како за парламентите, така и за граѓаните на двете земји.

Click