Собраниско раководство



Вторник, 10 септември 2013 година

Претседателот Вељаноски оствари средба со претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски

Денеска, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски. На средбата, претседателот Вељаноски го запозна својот соговорник со актуелните политички состојби во државата и успешно спроведените локални избори.

На средбата, претседателот Вељаноски искажа задоволство и благодарност за постојаната поддршка која Република Македонија ја добива од Република Полска. Во однос на евроинтегративниот процес на Република Македонија, г. Вељаноски истакна дека бурните времиња на Балканот се зад нас и граѓаните од регионот гледаат напред во европската иднина и перспектива на сите држави од Балканот. Во текот на разговорите, претседателот Вељаноски, исто така, потенцираше дека интеграцијата на целиот регион ќе биде значаен фактор за стабилизација на Европа, нагласувајќи дека Република Македонија ги спроведува сите неопходни реформи, и преку законодавниот дом и во целина.

Претседателот Коморовски нагласи дека Полска постојано го поддржува процесот на проширување на ЕУ, особено на проширувањето кое го опфаќа Балканот. Политичарите и граѓаните на Полска знаат колку е комплициран интегративниот процес, како и реформите во таа насока, и оттука му честита на претседателот на Собранието, г. Вељаноски, за досега спроведените реформи во насока на евроинтегративниот процес, нагласувајќи дека улогата на парламентот е клучна во секоја демократска држава и во процесот на интегрирање на државата.

На средбата, исто така, стана збор и за соработката во сферата на земјоделството, каде Република Полска е подготвена да ги сподели своите искуства, особено затоа што по влезот на Полска во ЕУ, најголемите придобивки се чувствуваат токму во селските средини, а нејзините производи се широко застапени на европските пазари.

Двајцата соговорници се согласија дека парламентарните односи се на задоволително ниво, но дека треба да се унапредат и реализираат и на највисоко ниво, за што двострано изразија увереност дека ќе се случи во најскора иднина.

Click