Собраниско раководство



Среда, 16 октомври 2013 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ГО ПРИМИ ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА НАПРЕДОКОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА 2013 ГОДИНА

Евроамбасадорот г. Аиво Орав, официјално му го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2013 година на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски.

По повод примопредавањето на Извештајот, претседателот Вељаноски изрази задоволство за добивање на уште една, петта, препорака за започнување на преговорите на Република Македонија со Европската унија и изрази надеж дека во декември на препораката ќе се надоврзе и датум за започнување на преговорите. Тој, воедно, истакна дека на патот на евроинтеграцијата, реформите се остваруваат за да се задоволат поставените критериуми, но тие пред сè се исполнуваат за бенефит на граѓаните.

Претседателот Вељаноски потенцираше дека согласно праксата која ја има воведено претходните години, и оваа година Извештајот ќе биде разгледан на седници на комисиите и на Националниот совет за евроинтеграции, а по истиот ќе се дискутира и на пленарна седница, по што, како и во годините претходно, пратениците ќе усвојат заеднички заклучоци.

Претседателот истакна дека е потребна политичка волја, искрена заложба и тимска работа на сите чинители во Собранието и надвор од него за да се остварат зацртаните цели и изрази уверување дека формираната работна група ќе продолжи со својата работа и дека со имплементирање на нејзините препораки и насоки ќе се подобри функционирањето и ќе се зајакне капацитетот на Собранието.

На примопредавањето на Извештајот беа поканети и потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, претседателите на Комисијата за надворешна политика, Комисијата за европски прашања, Националниот совет за евроинтеграции и Мешовитиот парламентарен комитет.

Click