Соопштенија

Петок, 28 јуни 2013 година
 
Учество на Делегација на Собранието на Република Македонија на 22. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ во состав д-р Ана Павловска Данева, шеф на Делегацијата и г. Џеват Адеми, заменик-член, ќе учествува на 22. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што ќе се одржи од 28 јуни до 3 јули 2013 година во Истанбул, Република Турција.

На сесијата, чија главна тема за дискусија е: „Хелсинки + 40“ се очекува учество на околу 300 пратеници од 55 парламенти членки на ПС на ОБСЕ. Во рамките на годишната сесија ќе се одржат седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања, седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на ОБСЕ и пленарна седница.

Се очекува на годишната сесија да се обратат високи претставници на Република Турција, како и г. Леонид Кожара, министер за надворешни работи на Украина и претседавач со ОБСЕ и г. Ламберто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ.

Членовите на Парламентарното собрание на ОБСЕ ќе дебатираат за прашања во врска со заштитата на основните слободи, негативните последици од економските мерки за штедење, политичките затвореници во регионот на ОБСЕ, граничните вредности на гасовите кои предизвикуваат ефект на стаклена градина и сл. Се очекува и усвојување на предложените резолуции по 29 дополнителни точки, на теми како што се: зголемувањето на довербата, транспарентноста и отчетноста во институциите на ОБСЕ,  зацврстување на граѓанскиот сектор, слободата на медиумите, улогата на образованието во борбата против расизмот, ксенофобијата и другите форми на дискриминација и нетолеранција, промовирањето на енергетска заштеда и ефикасност, хуманитарната криза во Сирија, почитувањето на човековите права, особено во Белорусија и Русија, состојбата во Казахстан и на Блискиот Исток, родовите аспекти на трудовата миграција и др.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска со политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

 

 

 
Click