Соопштенија

Среда, 9 октомври 2013 година

Пратеникот Александар Николоски набљудувач на претседателските избори во Азербејџан

Пратеникот Александар Николоски, кој е шеф на македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, е дел од Ад-хок комисијата за мониторинг на денешните претседателски избори во Азербејџан.

Мисијата трае од 6 до 11 октомври. Во досегашниот предизборен период пратеникот Николоски во рамките на моноторингот оствари средба со позначајните претседателски кандидати, со претседателот на Централната изборна комисија, со претставници на ОБСЕ, ОДИХР, со претставници на Европскиот парламент и со претставници на Европската комисија во Азербејџан, потоа со претставници на медиуми и на граѓански организации.

За денот на изборите, пратеникот Николоски, заедно со шпанскиот пратеник Августин Конде, е задолжен за западниот регион на главниот град Баку. По завршувањето на изборите, Ад-хок комисијата подготвува извештај кој се усвојува на редовна сесија на ПССЕ.

Оценките на ПССЕ се најобјективни, а со тоа и најрелевантни за оценка на целиот изборен процес, за кој се цели да биде фер, демократски, слободен и транспарентен.

Првичните согледувања за изборниот ден, како и драфт-извештајот за изборите, ќе бидат презентирани на прес-конференција во Баку на 10 октомври, еден ден по завршувањето на изборите, додека финалниот извештај со целокупните материјали се очекува да биде презентиран и усвоен на редовната јануарска сесија на ПССЕ.

За потсетување, пратеникот Александар Николоски годинава беше избран и успешно ја спроведе мисијата за мониторинг на парламентарните избори во Бугарија, каде беше задолжен за регионот на главниот град Софија.

Ова е прв пат во македонската парламентарна историја еден пратеник да биде избран двапати во една година, во мониторинг ад-хок мисија на ПССЕ за набљудување на избори, што претставува своевиден дипломатски и парламентарен успех.

 
Click