Соопштенија



Четврток, 10 октомври 2013 година
 
Учество на Есенското заседание на Парламентарното собрание на ОБСЕ

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ во состав: г-ѓа Ана Павловска Данева, шеф на делегацијата, г. Владимир Ѓорчев и г. Беким Фазлиу, членови на делегацијата, ќе учествува на Есенското заседание на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што ќе се одржи од 13 до 15 октомври 2013 година во Будва, Црна Гора.

Во рамките на Есенското заседание ќе се одржат: Парламентарна конференција на тема: „Решавање на транснационалните закани и заштита на човековите права: улогата на ОБСЕ“, седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ и Медитерански форум.

На парламентарната конференција на тема: „Решавање на транснационалните закани и заштита на човековите права: улогата на ОБСЕ“ се очекува да се обратат г. Ранко Кривокапиќ, претседател на Парламентот на Црна Гора и на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г. Мило Ѓукановиќ, премиер на Црна Гора, г-ѓа Астрид Торс, Висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства, г.  Алексеј Луженков, координатор за активностите за решавање на транснационалните закани во секретаријатот на ОБСЕ, претставници на ПС на ОБСЕ и експерти.

Во рамките на Медитеранскиот форум на тема: „Медитеранот - унија на цивилизации“ ќе се одржи специјална дебата за состојбата во Сирија. Воведничари во дебатата ќе бидат претседателите на Парламентарното собрание  на ОБСЕ г. Ранко Кривокапиќ и на Парламентарното собрание на Советот на Европа г. Жан-Клод Мињон и министерот за надворешни работи на Црна Гора г. Игор Лукшиќ.

Се очекува на Есенското заседание на ПС на ОБСЕ да учествуваат околу 200 пратеници од над 50 земји.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Click