Соопштенија

Вторник, 2 јули 2013 година
 
Надзорна расправа на тема: „Користење на фондовите од Инструментот за претпристапна помош-ИПА во Република Македонија“

Комисијата за европски прашања на 40. седница одржана на 19 јуни 2013 година, врз основа на членот 21 став 2 од Законот за Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 104/2009), едногласно усвои Одлука за одржување на надзорна расправа на тема „Користење на фондовите од Инструментот за претпристапна помош-ИПА во Република Македонија“.

Ве покануваме да земете учество на 42. седница на Комисијата во надзорната расправа која ќе се одржи на 11 јули (четврток) 2013 година, со почеток од 11.00 часот, во Сала „Борис Трајковски", во зградата на Собранието на Република Македонија, ул. „11 Октомври“ бб Скопје.

Целта на надзорната расправа е да се утврди ефикасноста на искористувањето на средствата од претпристапните фондови во Република Македонија (ИПА), нивното влијание, како и да се проценат апсорпционите капацитети на Република Македонија.

Во претпристапната фаза особено е важно земјата добро да се подготви за ефикасно користење на европските фондови. Главната причина е што процедурите кои се неопходни за да се користат овие средства се еднакви на документацијата која треба да се подготви за кофинансирање во претпристапната фаза. Во претпристапната фаза се добиваат средства, но не се придонесува во буџетот на Унијата. Откако земјата ќе стане членка на ЕУ ќе мора задолжително да издвојува сопствени средства за буџетот на Унијата, но доколку земјата не е подготвена да ги користи фондовите, постои опасност да не може да ги искористува достапните средства. Дополнителна мотивација за ова треба да е и висината на достапните средства по пристапувањето.

Со воведувањето на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) во 2007 година, Република Македонија, како земја-кандидат за членство во ЕУ се стекна со пристап до 622,5 милиони евра во периодот од 2007-2013. Во овој период нашата држава се стекна со акредитација за децентрализирано управување со четири од вкупно пет ИПА компоненти. Во овој период само управувањето со Компонента II Прекугранична соработка с? уште не е достапно на националните органи.

Постојан предизвик за институциите во Република Македонија е да го развиваат својот капацитет и истовремено да развиваат ефикасна и одговорна администрација која ќе биде подготвена да ја понесе тежината на процесот на приближување кон Европската унија.

На надзорната расправа ќе бидат поканети да присуствуваат и претседателот на Собранието на Република Македонија, потпретседателите на Собранието на Република Македонија, координаторите на пратеничките групи во Собранието на Република Македонија, членовите и нивните заменици на Комисијата за европски прашања и други учесници и гости. 

Комисијата за европски прашања, покани (16) сведоци кои претставуваат различни организации и институции да учествуваат на првата седница од расправата и да дадат искази и одговори на членовите на Комисијата. 

Исказите на сведоците ќе бидат ограничени на (5) минути,  членовите на Комисијата за европски прашања ќе поставуваат прашања и заедно со одговорите на сведоците ќе бидат ограничени на (15) минути.

Доколку сведокот во моментот не располага со информациите што се потребни за да одговори на прашањето, комисијата може да побара да бидат поднесени во писмена форма.

За дополнителни информации, контактирајте го лицето Ристе Илиевски - соработник во Комисијата за европски прашања и тоа на фиксен телефон: +389 2 3182-338; мобилен телефон: +389 71 205 938; е-пошта: кеp@sobranie.mk

 

 

 
Click