Соопштенија

Понеделник, 24 јуни 2013 година
 
Учество на собраниска делегација на сесија на ПС на Советот на Европа
 
На третиот дел на редовната сесија за 2013 година на ПС на Советот на Европа, што ќе се одржи од 24 до 28 јуни 2013 г. во Стразбур, Француската Република, ќе учествува Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на СЕ, во состав: г. Александар Николоски, шеф, г. Игор Ивановски и г-ѓа Ермира Мехмети Деваја, членови, г. Александар Спасеновски и г. Имер Алиу, заменици-членови.

На оваа сесија ќе бидат разгледани повеќе прашања и извештаи, меѓу кои и Предлог-извештајот за постмониторинг дијалогот со Република Македонија, потоа предлогот да се отвори мониторинг постапка со Унгарија, предлог-протоколот бр.16 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, поделба на политичката и кривичната одговорност, ситуацијата на Блискиот Исток, евалуација на партнерството со Мароко, корупцијата како закана за владеење на правото, еднаков пристап кон здравствена заштита, дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, како и други прашања.

На јунската сесија се очекува на парламентарците да им се обрати г. Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент и г. Едвард Налбандан, министер за надворешни работи на Ерменија, копретседавач со Комитетот на министрите на СЕ, а во текот на сесијата ќе се врши избор на судии за Европскиот суд за човекови права од Исланд, Литванија и Словачката Република. 
Click