Собраниско раководство



Вторник, 8 октомври 2013 година, Будимпешта, Унгарија

Претседателот Вељаноски копретседавач на втората сесија на 6. Конференција на претседатели на Парламентите на замјите од Западен Балкан

Почитувани колеги,
Дами и господа,
Екселенции, 

Република Македонија веднаш по независноста во 1991 година своите стратешки приоритети во делот на надворешната политика ги насочи кон интеграција во евроатлантските структури. Јасно се определи за развој на сопствените одбранбени сили, реформи во економскиот и политичкиот систем кои кореспондираат со системите на западните земји.

Македонија како млада демократија низ реформискиот процес на политичкиот систем се соочуваше со реални проблеми, војни во непосредното соседство, економски блокади, бегалски кризи. Во Македонија имаше и конфликт кој се закануваше да го наруши суверенитетот и да ја наруши регионалната стабилност.

Желбата да бидеме дел од НАТО и ЕУ стана наш стратешки императив, а енергијата која ја создадовме за да успееме да ги спроведеме реформите беше од нашата убеденост дека само мирот и стабилноста можат да креираат безбедно и економско издржливо општество.

Вредностите кои заеднички ги споделуваме со нашите колеги од ООН, ЕУ, НАТО, ОБСЕ и другите меѓународни организации, реално ги инкорпориравме во нашиот Устав, политички систем и општество.

Пред 20 години во Собранието на Република Македонија е донесена Резолуција за полноправно членство во НАТО пактот и Македонија тука не застана, продолжи со своите заложби и реформи и во 1995 година стана членка на „Партнерството за мир“.

Реформите во делот на одбранбените и безбедносните сили добија на интезитет, а институциите како Владата, Собранието и Претседателот на државата преку своите механизми интезивно ја надоградуваат и ја јакнат меѓународната позиција на Република Македонија.

Република Македонија после реформирањето на својот одбранбен и безбедносен систем, стана земја која сериозно почнува да придонесува кон глобалниот мир и безбедност. Преку логистичката поддршка на НАТО и КФОР на Косово, Македонија имаше мошне важна улога во процесот на воспоставување на мир и стабилност во тој период.

Армијата на Република Македонија почнува активно и со сериозен процент на војници да учествува во мировните мисии кои ги предводи НАТО, САД и ЕУ, и своето учество во Ирак, Авганистан, Босна и Либан. Македонската армија стана респектабилен и стратешки партнер на земјите-членки на меѓународните организации. Учеството во операциите и мисиите ја зацврстуваат заложбата на Македонија како држава да биде партнер секаде каде има потреба за мир, за стабилизација и за одбрана на демократските и човековите вредности ширум светот.

Овие заложби некогаш земаат и жртви, така при враќањето од успешно спроведената мисија која е дел од заложбите на Европската унија во Босна и Херцеговина, екипажот од мисијата АЛТЕА трагично загина при падот на нивниот хеликоптер. Учеството во мировните мисии и постојаните реформи знаат понекогаш да бидат и болни, но остануваме посветени бидејќи сме убедени дека мирот нема цена, а предизвиците се сè поголеми, светот постојано и брзо се менува, глобалните терористички напади, сајбер тероризмот, организираниот криминал се реалност и секојдневие.

Почитувани колеги,

Затоа треба сите преку нашите маханизми, соработка, иницијативи да успееме да соработуваме и да работиме во интерес на мирот. Мислам дека за овие работи не смее и не треба да има граници, бирократија и пречки. Убеден сум дека сите сме согласни во тоа.

Македонија ги исполни сите услови, ги спроведе сите реформи кои ги имаа наметнато самите критериуми за членство во НАТО, на Самитот во Букурешт во 2008 година, Македонија, заедно со Албанија и Хрватска, требаше да стане полноправна членка на оваа организација, но нашиот јужен сосед го блокираше нашето членство заради проблемот кој го има со нашето уставно име.

Но, Република Македонија не се повлече и оваа одлука која не беше воопшто принципиелна само ја зацврсти во желбата да продолжи со своите реформи и успешно да се надоградува, ние нашите реформи ги правиме заради нашата држава и нашите граѓани.

Во вакви услови, на Република Македонија не и треба формален документ дека станала земја-членка на НАТО, нашите партнери од оваа организација секојдневно ја потенцираат улогата на нашата држава и нè гледаат рамо до рамо во коалиционите мировни операции, нас тоа ни е важно, да можеме преку нашите механизми и ресурси да придонесеме кон глобалната безбедност.

Во пракса, македонските институции, вклучувајќи ја и институцијата која ја претставувам, Собранието на Република Македонија, учествуваат и организираат иницијативи, конференции, проекти и преку голем број на средби, постојано ги потенцираат заложбите и ги претставуваат стратегиските определби на Република Македонија, а тоа е дека ние сме и ќе бидеме земја која делува во целост со меѓународното право, со принципите на ООН. Преку проактивниот пристап со нашите партнери од НАТО, ЕУ и ОБСЕ и ќе бидеме респектабилен субјект кој ќе учествува во спроведувањето и креирањето на глобалната одбранбена политика, регионалната безбедносна политика и ќе дадеме активен придонес во зачувувањето на глобалниот светски мир.

Во контекст на јавните политики и безбедносните аспекти во неа, Собранието на Република Македонија и парламентарната дипломатија зедоа активно учество во целиот реформски процес и стратешката определба на државата.

Преку хармонизирање со европските закони, и активните средби со колегите од целиот свет, регион и соседството успеавме да се наметнеме како држава која е фактор на стабилност и извезува мир.

Преку интегрирањето на европските регулативи во полето на безбедноста и одбраната Македонија доби високи оценки за интегралното гранично управување, ја доби визната либерализација, доби четирипати позитивен Извештај од европската комисија и препорака за отпочнување на преговорите за полноправно членство во Европската унија, ова е само потврда дека сме на вистинскиот пат.

Постои простор проактивно да ги пресликаме заложбите кои ги имаме во поглед на безбедноста на овој дел од Европа, повеќе или помалку сите сме биле зафатени од виорот на конфликтите, војните и разорнувањата. Да не губиме време кој прв почнал и зошто, тоа нема да ги врати луѓето кои ги изгубиле животите или домовите, туку да најдеме начин и да се интегрираме сите заедно во систем кој ќе гарантира мир и стабилност кој пак ќе создаде и економски просперитет на нашите држави за нашите граѓани. Со еден збор, војните и конфликтите да бидат минато, историја од која ќе учиме никогаш да не се повтори и ќе научиме колку е скап мирот и колку е важна преспективата на нашите граѓани, затоа треба искрено да се заложиме за тоа, бидејќи не смееме да заборавиме како политичари дека нашите деца, нашите поколенија заслужуваат да живеат во мир и развој.

Почитувани,

Во време на динамични промени во светот, неопходно е сите ние  активно да соработуваме помеѓу себе за да можеме навремено да ги спречуваме ризиците кои се дел од овој глобален свет и се закануваат по стабилноста на нашите држави.

Република Македонија направила и ќе направи многу на полето на безбедносната соработка бидејќи мирот, стабилноста и економскиот развој на државите немаат цена, а новите предизвици лесно можат да ги нарушат истите.

Затоа сите заедно да смогнеме сили и да инвестираме во регионалниот мир. Македонија силно ги поздравува сите заложби за конференции, собири и регионални иницијативи кога се промовираат заложбите кои придонесуваат за стабилноста и мирот во овој дел на Европа.

Ја поздравувам оваа конференција и посакувам понатаму да продолжиме да го градиме просперитетот на овој регион, бидејќи сите граѓани заслужуваат да живеат во стабилни, демократски и економско преспективни општества.

Благодарам на вниманието.

Click