Активности

Четврток, 26 март 2015 година

Без функционален парламент и независни државни институции не може да се спроведуваат крупни реформи

На 22 и 23 март, Европскиот парламент беше домаќин на парламентарен семинар на тема „Развивање на политичката култура и унапредување на политичкиот дијалог кон одржлива демократија“.

На семинарот учествуваа пратеници од парламентите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Турција, како и пратеници на Европскиот парламент - ЕП. 

Делегацијата на Собранието на Република Македонија, која ја предводеше потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, ја сочинуваа координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, координаторот на пратеничката група на ДПА, Имер Алиу и независниот пратеник, Љубица Буралиева.

На настанот учествуваа и претставниците од СДСМ Радмила Шекеринска и Лидија Димова, како и претставник од НСДП, Љубомир Јосифовски. Собраниската делегација ја придружуваше генералниот секретар на Собранието, Жарко Денковски. 

Во делот насловен „Култура на сили во парламентите: критичка поддршка наспорти конструктивна опозиција“ копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет МК- ЕУ, Алјоз Петерле, меѓу другото, истакна дека услов за постоење на една функционална демократија е политичка култура во која владее меѓусебна почит. Бојкотите на парламентите не создаваат дополнителни вредности, туку поларизација на општествата.

Споредувајќи ја надлежноста на ЕП со националните парламенти, европратеникот и член на Комитетот за уставни прашања на ЕП, Ричард Корбет, посочи на работата во ЕП, каде сите политички партии, заеднички соработуваат во насока на подобрување на предложените акти од Европската комисија и Советот, а опозицијата не секогаш се спротивставува. Тенденцијата е да се обезбеди поширока поддршка за предложените акти, а не само да се надгласа опозицијата.

Претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП, Елмар Брок оцени дека настанот е од големо значење за тоа како треба да се гледа на политичката култура. Правилата во парламентите треба да им обезбедат на сите можност за претставување на позициите, а мора да има подготвеност од сите страни да соработуваат преку дијалог, и покрај нивните различни ставови. Силната опозиција мора да ги почитува постоечките правила и процедури. За состојбата во Република Македонија рече дека двете страни треба да го променат својот пристап и сами да го најдат излезот, додека на Брисел не треба да се гледа како на судија во спорот.

Според  известителот за Република Македонија во Комитетот за надворешни работи на ЕП, Иво Вајгел, доколку сака да се помогне, потребен е објективен и непристрасен пристап од страна на ЕП. Политичките партии и нивните лидери мора да ја преземат одговорноста, додека како еден од приоритетите останува демократизацијата на медиумите.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, истакна дека парламентите се институции каде треба да се водат дискусиите и од каде опозицијата може да ја контролира владата. 
За да се зголеми довербата на граѓаните во институциите се направени измени во изборното законодавство, но барање за техничка Влада од опозицијата е неприфатливо бидејќи се коси со волјата на граѓаните, изразена на последните парламентарни избори, истакна потпретседателот Милошоски.

Според Лидија Димова, бојкотот на Собранието било единственото решение, а сега се потребни коренити реформи за излез од состојбата. 

Независниот пратеник, Љубица Буралиева, кажа дека гласовите на граѓаните треба да се претставуваат во парламентите и дека на Република Македонија ѝ е потребна т.н „објективна помош“ од Европската унија.

На Македонија ѝ е неопходен договор кој ќе се однесува не само на последиците, туку и на причините за настанатата состојба, односно договор кој ќе се почитува од сите страни, истакна Радмила Шекеринска.

На крај од семинарот европратеникот Едвард Кукан истакна дека без функционален парламент и независни државни институции, земјите не можат да спроведуваат крупни реформи, а секој бојкот на парламентите ги одложува интеграциските и развојните процеси во општеството. Според него  за позитивно разрешување на политичките спорови во државите од Западен Балкан и Турција, потребно е самоограничување на владите, дијалог меѓу политичките партии, дијалог со граѓаните, професионални и независни парламентарни служби, независно судство, меѓусебна контрола и надзор на институциите, како и отворени и достапни медиуми за сите.

Click