Активности

Петок, 29 август 2014 година

Единаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на  11. седница,  одржана на 27 август 2014 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ревизија - I читање;
  2. Годишен извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2013 година;
  3. Финансики извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2013 година;
  4. Годишен извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во  2013 година;
  5. Годишен извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2013 година.

Воведно образложение по Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ревизија даде  заменик на министерот за финансии, г. Ардиан Џељадин. Тој истакна дека со донесувањето на Законот за ревизија во 2010 година се подигнале стандардите за ревизија и нивото на ревизорската професија. Истовремено Законот во голема мера се усогласил со Директивата на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија 32006L0043 за законска ревизија на годишните сметки и консолидираните сметки од 17 мај 2006 година.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија може да се даде на натамошно читање.

Во однос на Годишен извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2013 година воведно образложение даде претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, г. Климе Попоски. Тој истакна дека Агенцијата за супервизија на осигурување во текот на 2013 година има донесено пет подзаконски акти кои го регулираат работењето на осигурителниот сектор во Република Македонија. Исто така биле спроведени теренски и вонтеренски супервизии во неколку субјекти.Имено, согласно Планот за супервизија за 2013 година, Агенцијата за супервизија на осигурување има спроведено 15 теренски супервизии и тоа: 7 целосни теренски супервизии кои се однесуваат на работењето на 7 друштва за осигурување; 3 целосни теренски супервизии на осигурителни брокерски друштва и 5 делумни теренски супервизии на друштва за осигурување. Издадени се 6 дозволи за основање на осигурително брокерски друштва; 1 дозвола за основање на друштво за застапување; 5 дозволи за воведување на нова класа на осигурување; 6 дозволи за овластен актуар; 12 согласности за вршење на член на орган на управување; 21 согласност за измена на Статут на друштва за осигурување; 10 согласности за квалификувано учество; 110 лиценци за застапници во осигурувањето и 72 лиценци за осигурителни брокери. Во текот на 2013 година поднесени се 148 претставки при што 109 претставки се решени, од кои 51 во корист на подносителите на претставки; 31 претставка се без основа за постапување и 8 претставки се во процес на решавање.

Господин Климе Попоски ги образложи и Финансиките извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2013 година. Воедно, истакна дека Агенцијата за супервизија на осигурување настојува да се придружува до сите позиции согласно усвоениот Финансиски план кој што го донесе Собранието на Република Македонија и нивна реализација како во делот на приходите, така и во делот на расходите.    

По Годишениот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во  2013 година, г. Климе Попоски  истакна дека Агенцијата за осигурување на осигурувањето е самостојно и независно регулаторно тело на пазарот на осигурување кое врши јавни овластувања утврдени со Законот за супервизија на осигурување и Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Во текот на 2013 година на пазарот на осигурувањње е остварена бруто полисирана премија во вкупен износ од 7,19 милијарди денари и забележан е пораст од 2,56% во однос на 2012 година. Кај неживотното осигурување е остварена бруто полисирана премија во износ од 6,47 милијарди денари што претставува 89,86% од вкупната бруто полисирана премија, а кај осигурувањето на живот е остварена во износ од 729 милиони денари што претставува пораст од 21,96% во однос на 2012 година. Во текот на 2013 година во Република Македонија функционираа 15 друштва за осигурување, од кои 4 за осигурување на живот и 11 за неживотно осигурување. Беше оценето дека осигурителната индустрија во Република Македонија е во својата рана фаза на развој и дека осигурителниот сектор во Република Македонија се карактеризира со умерено конкурентен пазар.

Заменикот на главниот државен ревизор, г. Насер Адеми по Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2013 година истакна дека во 2013 година Државниот завод за ревизија прослави 15 години јубилеј од своето функционирање како независна и самостојна институција во Република Македонија. Како резултат на професионалниот однос на вработените Државниот завод за ревизија успеа да изгради имиџ кој му обезбеди водечка улога во јакнењето на системот на финансиската контрола и одговорност во јавниот сектор.Годишниот извештај ги сублимира резултатите од извршените ревизии и другите активности кои се реализирани во текот на 2013 година. Транспарентно и наменско трошење на јавните средства и оценката за квалитетот на услугите кои граѓаните ги добиваат претставуваат основа при изборот и дефинирањето на областа на работа на Државниот завод за ревизија. 

Врз основа на расправата, Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  • Собранието на Република Македонија ги разгледа и ги усвои горенаведените Годишни и финансиски извештаи.
Click