Активности

Четврток, 20 јули 2017 година

Груби-Маасикас: Естонија да поддржи безусловна препорака

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, заедно со членовите и замениците на Комисијата, имаше средба со заменик-министерот за надворешни работи на Република Естонија за европски прашања  г. Мати Маасикас.

Заменик-министерот Масикас информира за Програмата и приоритетите на естонското претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на  оваа година. Во тој контекст, истакна дека Естонија и понатаму е силен поддржувач на процесот на проширување на ЕУ со нови земји членки,  при што ја поддржа посветеноста на Владата за евоинтегративните процеси. Тој истакна дека е неопходно земјата да ги спроведе потребните ЕУ реформи, со цел да  се подобрат животните услови и  младите да не ја гледаат својата иднина надвор од Македонија.

Претседателот на Комисијата, г. Груби, на гостинот од Естонија му посака успешно претседателство  со Европската Унија и реализирање на поставените цели и приоритети. Тој искажа благодарност за  досегашната поддршка од страна на оваа пријателска земја, при што потсети на писмото од 2012 година во кое Естонија, заедно со Литванија и Летонија, побараа од ЕУ почеток на претпристапните преговори на Унијата со Македонија за време на Данското претседавање со ЕУ, со предлог тие да се одвиваат одделно од  преговорите  за решавање на  билатералниот спор што го имаме со Грција.  

Груби информира дека во земјата постои консензус  за  евроатлантските интеграции во ЕУ и НАТО и дека таквиот консензус постои и во Комисијата за европски прашања, за што е доказ и едногласно усвоената Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската Унија.  

На средбата свое обраќање имаа и членовите на Комисијата: Никола Попоски, Петар Атанасов и Весел Мемеди, при што беше потенцирана заложбата и определбата и на позицијата и  на опозицијата  во земјата, за што поскоро зачленување во ЕУ. Во тој контекст се истакна и потребата за надминуване на пречките на патот кон ЕУ, со посебен акцент на отвореното прашање со Грција за употребата на уставното име на земјата, како и подобрување на добрососедските односи со  Бугарија. 

Исто така, заедничка беше констатацијата дека земјата треба да работи на спроведување на итните реформски приоритети, пред сè на подобрување на состојбиите во владеењето на правото, системските реформи, рамноправноста меѓу граѓаните во согласност со Охридскиот договор, со цел Европската комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.  

Click