Активности

Петок, 14 јули 2017 година

Комисијата за европски прашања го разгледа Планот „3-6-9"

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија на денешната седница,  со која претседаваше претседателот на Комисијата г. Артан Груби, расправаше за Планот „3-6-9", на Владата на Република  Македонија.  

На покана  на претседателот  на Комисијата г. Груби, на седницата присуствуваа  и воведно обраќање имаа: претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, г. Бујар Османи. Воведно обраќање по темата имаше и претседателот на Комисијата за европски  прашања, г. Артан Груби.

Претседателот на  Собранието, г. Талат Џафери поддржувајќи го Владиниот план „3-6-9", ја истакна улогата на  Собранието во  евроинтегративните процеси на земјата, при што, ја нагласи  важноста на надзорната улога на Парламентот. Исто така,  истакна дека   Парламентот  е  местото каде што треба да се усогласуваат ставовите на партиите од опозицијата и позицијата, со цел да се пристапи кон реализација на потребните ЕУ реформи,  со консензус.  

Премиерот Заев, вo  своето обраќање, истакна дека Владата ќе работи на реализирање на програмираните задачи во трите временски рамки, почнувајќи со испорачување на резултати во првите три месеци, до одржувањето на локалните избори за да се отстрани условеноста на препораката, потоа следува реализација на задачите предвидени за  шесте месеци, во кој рок треба да се заокружи вториот реформски круг,   и  на крај  во  рокот од  девет месеци, во кој владата има намера да се имплементираат третиот круг реформи за до наредниот извештај на ЕК, Македонија да добие датум за почеток на преговорите. Премиерот Заев информира и за поддршката што земјата ја доби на  неодамна одржаниот Самит за Западен Балкан  во Трст, каде што Република Македонија добила целосна поддршка за евроинтегративните процеси на земјата и за планираните задачи на оваа реформска влада.

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, г. Бујар Османи, информира дека Секретаријатот за европски прашања е  координатор на Планот „3-6-9“, во чии рамки е и имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, и како таков веќе пристапил кон организирање и реализација на програмираните задачи.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби, ја истакна  потребата за доследно и неодложно спроведување на предвидените активности во владиниот план „3-6-9", како услов за добивање на неусловена препорака, следствено  на тоа и отпочнување на преговори за ЕУ и НАТО членство, при што истакна дека е  неопходно заедничко делување на сите политички партии во Парламентот, со оглед на  заедничката стратешка определба и цел на сите политички субјекти и граѓани на Република  Македонија.

Исто така, за темата свои излагања имаа г. Томислав Тунтев од СДСМ , г. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, г. Зекирија Ибрахими од БЕСА, како и г-ѓа Нада Наумовска, како претставник на невладиниот сектор. По темата за дискусија, беа искажани ставови и мислења во однос на предложениот план на Владата, со цел за негово подобрување  и дополнување, при што, заедничка беше констатацијата дека таков документ е неопходен и потребен да биде како патоказ и водилка за реализирање на  програмираните задачи, кои произлегоа од Итните реформски приоритети и Договорот од Пржино. Заедничка беше констатацијата дека  евроинтегративниот процес на земјата мора да биде инклузивен, надпартиски,  со општ консензус  и  со целосна поддршка  на граѓанскиот сектор и општо на сите  жители во земјата.

На седницата беа поканети и претседателите и членовите на парламентарните комисии, во чија надлежност  и компетенција се  реформите од итните реформски приоритети,  претставниците  на  Дипломатскиот Кор во Република  Македонија, како и претставниците на граѓанското  општество.

Врз основа на расправата по Планот „3-6-9", Комисијата ги донесе следните Заклучоци:

  1. Комисијата за европски прашања  смета дека Планот „3-6-9" е основен Патоказ  за зајакнување на  оддржливоста на потребните европски реформи  во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија. 
  2. Комисијата ја истакнува потребата за доследно, неодложно и итно спроведување на сите активности, предвидени во Планот „3-6-9", како  услов за добивање на неусловена препорака и следствено датум за отпочнување на преговори за членство во Европската унија, што е заедничка  стратешка определба и цел на сите политички субјекти и граѓани на Република Македонија.
  3. Комисијата и укажува на Владата на Република Македонија на потребата од инклузивен и транспарентен пристап во однос на спроведувањето на сите активности и предизвици предвидени во Планот „3-6-9", преку вклучување на опозицијата и консултирање на претставниците на граѓанското општество  во земјата.
  4. Комисијата  jа повикува Владата на Република Македонија редовно и сеопфатно да го известува и вклучи Собранието во сите аспекти на  Планот „3-6-9".
  5. Комисијата ќе врши надзор над работата на Владата на Република Македонија во однос на спроведувањето на Планот „3-6-9" и ќе организира тематски седници за секоја предложена мерка во Планот.
  6. Заклучоците од Втората седница на  Комисијата за европски прашања, по повод расправата по Планот „3-6-9", да се достават до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, за нивно запознавање. 

Комисијата за европски прашања, исто така, расправаше и за Декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

Воведно обраќање по точката имаше претседателот на Комисијата, г. Артан Груби, кој истакна дека Комисијата го подготви текстот на Декларацијата за забрзување на реформските  и интегративните процеси за зачленување  на Република Македонија  во  Европската унија и НАТО, врз основа на едногласно усвоениот заклучок на Првата седница  на Комисијата.

Хармонизираната Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската унија и НАТО претставува прв основен чекор кон реформите и има за цел да ја потврди консензуалната  надпартиска сплотеност и посветеност, околу заедничките напори за реализација на  нашата државна стратешка определба, членството во Европската Унија и НАТО, а за која постои согласност од страна на сите  политички чинители,  застапени во  Собранието на Република Македонија.

Воедно Оваа Декларација е наша обврска, преземена во рамките на Итните реформски приоритети од 2015 г., вклучително и Препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеењето на правото, на г. Прибе,  како и обврските од Договорот од Пржино. 

Претседателот на Комисијата Груби, посебно ја потенцира конструктивноста и соработката  на членовите на Комисијата и од позицијата и од опозицијата, при изготвувањето на Декларацијата.

На покана на претседателот на Комисијата г. Груби, на седницата присуствуваа: претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, г. Бујар Османи. 

Врз основа на расправата едногласно, со поддршка на сите парламентарни партии, беше усвоена Декларацијата за забрзување на реформските  и интегративните процеси за зачленување  на Република Македонија  во  Европската унија и НАТО.

 Декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската унија и НАТО